Активноста во преработувачката индустрија на еврозоната продолжи да расте во јули, а производството достигна највисоко ниво во речиси четири и пол години, но побарувачката останува слаба, што ја доведува во прашање одржливоста на закрепнувањето, покажа денеска објавениот извештај на агенцијата „S&P Global“.
Вредноста на индексот на менаџерите за набавка (PMI) за преработувачката индустрија во еврозоната, кој го објавува „S&P Global“, порасна од 51,4 во јуни на 51,9 во јули, што е највисоко ниво од април 2022 година. Покрај тоа, вредноста на индексот на производство скокна од 51,7 на 52,9 поени, достигнувајќи го највисокото ниво од март 2022 година.
Вредностите над 50 поени укажуваат на експанзија, односно раст на економската активност, додека вредностите под 50 означуваат контракција, односно пад на економските активности.
Фабриките, меѓутоа, зголемената активност ја остварија главно благодарение на заостанатите нарачки од претходните месеци, додека извозната побарувачка повторно ослабе, особено во Франција, Шпанија, Италија и Австрија. Компаниите продолжија да го намалуваат бројот на вработени поради несигурните изгледи за следните месеци.
Истовремено, растот на цените на суровините забави на најниско ниво во последните пет месеци, додека производствените цени растеа со најбавно темпо од март.
Главниот економист на агенцијата „S&P Global“, Крис Вилијамсон, оцени дека европските фабрики моментално минуваат низ своевиден „летен замав“, но предупреди дека тој би можел да ослабе уште на есен доколку не дојде до закрепнување на новите нарачки.




