Нивото на реката Дунав во Бугарија и натаму опаѓа, а кај шест од седумте главни хидрометеоролошки мерни станици во земјата денеска е регистриран водостој под референтната нулта ознака.
Според податоците на Извршната агенција за истражување и одржување на реката Дунав, најниско ниво е измерено во Русе каде водостојот е на котата минус 94 сантиметри, што е за два сантиметри пониско од вчера. Во Орјахово е измерено минус 82 сантиметри, во Силистра минус 77, Ново Село минус 58, Свиштов минус 38, а во Лом минус еден сантиметар.
Единствено кај мерната станица во Никопол е регистриран позитивен водостој од плус четири сантиметри.
Најголем проток на реката е измерен кај Никопол – 2.081 метар кубен во секунда, додека најмал кај Орјахово – 1.329 метри кубни во секунда.
Бугарската министерка за енергетика, Ива Петрова, денеска ќе ја посети нуклеарната централа „Козлодуј“ за да го процени влијанието на намалениот водостој на Дунав врз работата на постројката.
Министерството претходно соопшти дека двата реактора на централата работат со полн капацитет и покрај исклучително ниското ниво на водата во реката. Надлежните сметаат дека, доколку Дунав продолжи да опаѓа со просечната динамика од минатата недела, нема да има потреба од намалување на производството на електрична енергија во централата, барем наредните три седмици.




