Иран и Оман се блиску до постигнување договор за повторно воспоставување на комерцијалниот поморски сообраќај низ Ормуската Теснина, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на ирански и американски претставници.
Според весникот, доколку биде постигнат договорот, бродовите што влегуваат во Персискиот Залив ќе пловат низ поморски коридор под контрола на Иран и во близина на неговиот брег, додека оние што излегуваат ќе користат коридор поблиску до брегот на Оман.
Ирански претставници за „Њујорк тајмс“ изјавиле дека нема да се наплатува патарина, но дека договорот предвидува „надомест за услуги“ за покривање на трошоците поврзани со влијанието врз животната средина, обезбедувањето на товарните бродови и танкерите, како и со персоналот. Приходите, според нив, би се делеле рамноправно меѓу Иран и Оман.
Американски претставник, пак, изјавил дека иранската верзија „не е точна“, наведувајќи дека какви било „привремени“ пловни коридори низ Ормуската Теснина нема да бараат одобрение од Иран и нема да вклучуваат никакви надоместоци.
Според извештајот, дел од високите претставници на Пентагон се скептични кон предложениот аранжман, оценувајќи дека тој би можел да претставува отстапка кон Иран.
„Њујорк тајмс“ наведува и дека некои ирански претставници се сомневаат дали договорот би функционирал како што е предвидено и дали би спречил нов бран американски напади.
фото: архива




