Приоритет на Владата од преземање на власта беше да ја зачува енергетската сигурност и да ги постави темелите на енергетиката , со најголемите законски реформи во последната деценија и силен инвестициски циклус во обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност, изјави на прес-конференција Жан Дрвошанов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го пренесува интегрално.
Усвоивме нов Закон за енергетика, целосно усогласен со европските директиви и поздравен од Европската енергетска заедница, како и Интегрираниот национален план за енергија и клима (NECP) 2025-2030, со кој за првпат се воспоставува систем за следење на процесот на декарбонизација. Со тоа создадовме стабилна и предвидлива правна рамка што обезбедува сигурност за граѓаните и привлекува сериозни инвестиции.
Во делот на обновливите извори, заклучно со 1 јуни 2026 година пристигнаа над 800 инвестициски иницијативи по јавниот повик за 2027 година. Финализиран е и проектот за државен батериски систем со капацитет од 300 MWh во соработка со ЕБОР, воведена е обврска за батериски системи за складирање енергија, воспоставен е ГИС-систем за дигитализација на постапките за ветерна енергија, исплатени се над 50 милиони денари поддршка за производство од обновливи извори, а новиот Закон за обновливи извори е во собраниска процедура. Ова значи поголема домашна енергетска независност и помала изложеност на ценовните шокови.
Усвоен е тригодишен план за реконструкција на 14 државни објекти во кои се сместени 33 институции, вреден 11 милиони евра.
Обезбедени се дополнителни 50 милиони евра во соработка со АФД, 18 милиони евра преку Светска банка и почетен капитал од 5 милиони евра за независен Фонд за енергетска ефикасност. Со новиот Закон за енергетска ефикасност воведовме обврска секоја година да се реконструираат најмалку 3% од јавните згради, како и задолжително поставување соларни панели на новите и реконструираните јавни објекти.
Ја активиравме праведната енергетска транзиција преку Советот за праведна транзиција и 61 конкретна мерка со кои се обезбедува зелениот премин да биде економски одржлив и социјално праведен.
Обезбедивме и силна меѓународна поддршка од 65,7 милиони евра од Европската комисија преку Планот за раст за Западен Балкан, 5,2 милиони евра ИПА средства, како и забрзување на реализацијата на енергетските интерконектори со Албанија, Грција и Србија.
Продолжуваме да градиме енергетски систем кој е сигурен, модерен и одржлив, во интерес на секое домаќинство и на идните генерации.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ




