Ватикан денеска соопшти дека папата Лав од 6 до 17 ноември ќе престојува во Уругвај, Аргентина и Перу, во рамки на голема пасторална посета за поглаварот на Римокатоличката црква, кој повеќе децении служеше како мисионер и бискуп во Перу пред минатата година да биде избран за папа.
Според соопштението на Ватикан, папата ќе престојува во Уругвај од 6 до 8 ноември, во Аргентина од 8 до 11 ноември, а во Перу од 11 до 17 ноември.
Лав, првиот папа роден во САД, е и државјанин на Перу, каде што од 2015 до 2023 година беше бискуп на Чиклајо, во северозападниот дел на земјата.
За време на посетата на Перу, папата ќе ги посети Чиклајо, Лима, Куско и Пукалпа. Во Аргентина ќе престојува во Буенос Аирес, Кордоба и Лухан, а во Уругвај ќе ги посети Монтевидео, Пајсанду и Флорида.
Ватикан засега не објави дополнителни детали за посетите, наведувајќи дека целосната програма ќе биде објавена подоцна.
Ова ќе биде прва посета на еден папа на Јужна Америка по патувањето на покојниот папа Франциск во Чиле и Перу во 2018 година.
Папата Франциск, кој беше Аргентинец и првиот папа од американскиот континент, за време на својот понтификат никогаш не ја посети својата родна Аргентина. (МИА)




