Министерот Агон Ферати денеска ја прими германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер. На средбата беа разгледани заедничките приоритети за унапредување на процесите што поттикнуваат инклузивност, еднакви можности, меѓусебна доверба и изградба на поинклузивно и поодржливо општество. Соговорниците ја истакнаа важноста од продолжување на реформите и политичката посветеност како клучни фактори на патот кон интеграцијата на земјата во Европската Унија.

Министерот ја информираше амбасадорката за годишната програма на Министерството за односи меѓу заедниците и за планираните активности кои имаат цел директно да придонесат за зајакнување на општествената кохезија, промовирање на дијалогот и јакнење на довербата меѓу етничките заедници. Во таа насока беше нагласена потребата од продолжување на заедничките институционални напори за создавање стабилна клима на соработка и меѓусебно разбирање.

На средбата се разговараше и за идните проекти и можностите за реализација на нови иницијативи од заеднички интерес. Посебно внимание беше посветено на активното вклучување на младите во консултативните процеси при изработката на стратегиите, како и при спроведувањето на различните активности на Министерството, со цел нивниот глас и перспектива да бидат составен дел од идните политики и проекти што придонесуваат за развојот на општеството и приближувањето кон Европската Унија.