Дарко ЈАНЕВСКИ
„Повеќето луѓе попрво би умреле отколку да мислат. Всушност тие тоа и го прават“, велел англискиот филозоф, Бертранд Расел. А, германско американската историчарка и филозоф, Хана Арент, зборуваше своевремено за мисловната мрзливост, за луѓето кои престануваат да мислат, за луѓето кои стануваат запчаници во некој часовник. Фино, нели? Да бидеш запчаник, да си вртиш мирно, полека, без стрес, а друг да му ја мисли!
И двајцата се починати одамна. Пред педесет и повеќе години. Зборувале за своето време. Ама како да зборувале и за денешното време, она кое тие како мене полека ги води кон надолната патека на планината, која ја избегнуваат дури и дивите кози, а на површина исфрла некои други деца. На кои, за жал, им оставаме оштество во кое е забрането да се мисли.
Зашто ако тоа го правиш, тогаш главата ти вирее над останатите. И затоа сакаат да ти ја исечат. Како во оние холивудски филмови за претставите во римскиот Колосеум, каде луѓето биле закопувани во земја, на површината останувала само нивната глава, а потоа некаква тогашна машина со сечива поминувала и им ги сечела, додека толпата на трибините воскликнувала од радост.
Тоа е денес и Македонија. А и светот. Барем поголемиот дел од него. Кај нас, главната шема е да да „закрпиш“ некое евро, ако можеш да се закачиш на некоја наводно невладина европска или американска цицка и да влечеш колку што можеш. Како гладно бебе кое лакомо сака млеко. И тогаш си во ред. Тогаш одиш да пазариш краставици и домати во Веро во Тафталиџе со шминка како за на прв љубовен состанок и со облека како за прием во дворецот на некое од западните кралства (добро, дозволени се и гол грб како за на забава на Миконос и цвикери за сонце во не баш светлиот маркет) и потоа одиш на кафе во некое шминкерско кафуле, за да го покажеш скапиот џип и потемнетата кожа од Халкидики и – и тогаш си во ред.
Порано, пред некое десетлетие, врвен дострел беше да седнеш во ќебапчилница на шприцер и 10-15 ќебапчиња со лута пиперка и кромид. Денес, тоа е селски. И ти си сељак, во погрдна смисла на зборот, ако не си еволуирал. Заостанат.
Денес, модерно е да бидеш глупав. Да не мислиш. Да бидеш „бизнисмен“ кој знае да краде и да најде адвокат кој ќе му плати „рушвет“ ставен меѓу две кујнски плочи и завиткан во целофан, во ЈО и судот, за да си го добие пасошот или евентуално да добие куќен притвор, ако работите случајно тргнат наопаку.
Модерно е да бидеш и бирократ во некое министерство. Бирократ на кого му објаснуваш дека гравитацијата значи дека кога ќе пуштиш нешто од височина, тоа ќе падне на земјата, а тој или таа те гледаат како да си недоветен. Будалетинка. А богами и си. Ако се трудиш да им објасниш.
Е, сега, проблем не е тој еден или таа една, туку плевата од такви. Или што би рекол славниот Зоран Радмиловиќ во Радован Трети: „…ги има како комарци, а комарците големи како штркови“. Со тоа што комарците и штрковите знаат што прават. Нив мозокот им функцонира. Кај овие – не. Зарѓано е. И полно со мешаванина од железни и дрвени струготини.
Слушам пред некој ден за еден Македонец од овој „витешки ред“ за кој погоре пишувам, а кој не е политичар, туку е од т.н. независни „експерти“, чесни и умни пред се, нели, и кој влезе во „шемата“ одамна пред 15-тина а можеби и повеќе години со влечки од Бит Пазар (добро, се шегувам, не беа од Бит Пазар, беа од Буњаковец, таму се малку поскапи), а кој по години „гинење“ и „крварење“ за Македонија, додека таквите, како на пример, Игор Југ, Ќосето, Чавков и другите се криеја на Халкидики, си купил куќа во една западна земја, членка на ЕУ. Да му се најде.
А, за тој да ја купи, илјадници „гревови“ стоеле крај некоја печка во фабрика за да можат да го истераат месецот со леб, пиперка и сол (пиперката повеќе е спомената поради традиција, затоа што според цената и не е баш достапна како во турско, кога влегла во оваа традиција на зборови), а другото да им го земат газдата и државата, која потоа, го „товарела“ нашиов успешен мислител, експерт и борец за Македонија кој си ја купил куќата. Аферим. Така се прави тоа. А вие глумете го Питу Гули. Глупави сте, зар не?
И тоа е една од денешните болести на Македонија. Мислите дека ќе згрешам ако кажам и на еден дел од светот? Не!
Кај нас всушност е срамота да мислиш. Тогаш создаваш проблем. И не само кај нас. Ете, исто да ти било и во САД, за Европа и да не зборувам. Затоа американскиoт министер за здравство Кенеди се чуди како милиони луѓе, имајќи ја предвид пред се неговата Америка, а по неа и цел свет, наседнаа на Фаучи. И во расправа за него, Кенеди ја нарече водителката на Си-Ен-Ен, на еден од наводно врвните светски медиуми – глупача (добро, не баш така – и рече дека зборува глупости, ама тоа е само фин начин некому да ми кажете колкав му е интелектуалниот домет) и и’ кажа дека нивна задача била да го лажат народот (односно да го заглупуваат). Препознавате некој таков во Македонија? Ха, ете ги повторно во Радован Трети.
Д-р Роберт Малоун, врвот во светската вирусологија и вакцинологија (за тие кои не знаат, тој е првиот човек кому Пентагон ќе му се јави ако САД бидат нападнати со биолошко оружје, па сега видете вие за кого станува збор), целата таа операција ја нарече „психолошки експеримент“ преку кој, меѓудругото, треба да се види како ефективно може да се контролираат масите. Како да се влијае на нивниот ум и потоа тие да се однесуваат како во онаа слика на Бројгел постариот на која слепец води слепци и ги носи право кон амбис.
Според официјалните податоци, од Ковид умреле 7,1 милиои луѓе. Низа студии проценуваат дека бројката е поголема – над 15 милиони луѓе, што е повеќе отколку во Првата светска војна. Други студии таа бројка ја зголемуваат на 35 милиони, што не води блиску до Втората светска војна.
И потоа доаѓа уште еден страшен дел – непризнавањето дека е направена страотна грешка. Од злоба. Барбара Удовчиќ, хрватскиот психолог, уште една, не балканска, туку светска величина интервјуирана од МИА, вели дека тие кои направиле грешка кон вас, никогаш нема да ви простат за тоа. Тие ќе бидат лути, бесни на вас, зашто тие ви згрешиле. Не е полесно да признаат и да кажат „извини“? Не, зашто тогаш ќе се соголат.
Исто како и тие кои ви забиле нож в грб. Кои, пак, се посебна приказна, ама не многу различна од овие првите.
Да се вратам на Кенеди. Тој вели дека и Лајмската болест е вештачка. Произведена во лабораторија. Дека некои таму си играт Господ. И тоа е една од болестите на денешниот свет. И она што е уште полошо е дека Американците нема да ја истераат работата со Фаучи до крај, независно од тоа колку Сенатот и одредени сенатори се трудат.
Ама, тоа, нели, е далеку до нас. Што ти е гајле. Зар не? Како беше во 2018? Дај ние да ја протнеме Северна и да земеме некоја пара за тоа. Што ти е грижа за другото. За Карев, за Питу од минатото, за нашите деца во иднина, за тие по 100 години… Бедни, мизерни човечиња кои ќе ги купиш со некое евро. А, проблемот е што тие и денес се „величини“ во ова општество, а оние другите се неискапените со брада. Така ли, Стево, Бог да те прости?
И така, во меѓувреме ги научивме децата дека подобро е да бидат глупави. И да бидат предавници. Ама да знаат да крадат и предаваат паметно. Ако не знаат, да се сместат некаде на „државно“ ниво, пониско или повисоко – сеедно, да „кукумјавчат“ дека многу работат и да чекаат на први да земат плата. Од некој кому се цеди пот осум часа крај машина. И кога ќе им дојдете да им објаснувате, да ви глумат величина. И тогаш Ви доаѓа да ги фрлите од врвот на Џеваир зградите, се разбира на еластично платно, за да можат пак да отскокнат нагоре и потоа повторно да паднат, па пак да отскокнат…, но секако ви доаѓа да ги фрлите. Ама и да го направите тоа, бадијала е. Има некои кај кои ништо не помага. Како кај Болдрик од Црната гуја. Да е жив и здрав! Само што Болдрик не насмејуваше. Овие глупаци (се извинувам, ама тоа е…) ни го загорчуваат животот.
Ете толку за денеска. Денот на св. Климент и св. Пантелјмон, за кого не се сомневам дека ќе сака да ни помогне да останеме здрави, ама да не направи попаметни – тешко. Таков светец се уште не постои.
Патем, да не останам покусо, овие редови за мисловната мрзеливост ги пишува човек што купи машина од 60 сантиметри (на кредит на 100 и нешто рати, откако тројца саат време ја гледавме) и сака да ја протне низ врата со отвор од 59 сантиметри. Мери му умот. Ама знае дека откако машината ќе испере, сите штипки треба да бидат во иста боја и дека на една жица не одат маици од долната облека, со маици кои се надворешна облека. Иако, машината му е и за сушење. Ама, ете, и тој нека е жив и здрав!
За крај да го споменам и светски познатиот психијатар Габор Мате, кој во текст што го објавува МИА вели дека кортизолот е виновен за „појасот“ околу стомакот. Добро, јас мислев дека ми е од пивото. Кое не сум го пробал едно 15-20 години, а и тогаш не го сакав нешто посебно. Но, од каде да знам – можеби делува на далечина? А кога веќе ова го прашувам, изгледа дека и јас можеби работам за Си-Ен-Ен?




