На Украина, поради итноста од снабдување со оружје, српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ е поважен од прашањето за независноста на Косово, додека Вучиќ се надева дека преку поблиските односи со украинскиот лидер Володимир Зеленски ќе ги ублажи критиките од ЕУ пред претстојните избори, оценува балканскиот експерт Флоријан Бибер во анализа за бриселскиот портал „Политико“.

По посетата на Зеленски на Белград и неговата повторена изјава дека Украина нема да ја признае независноста на Косово, „Политико“ пишува дека украинскиот лидер со тоа „се вмеша во најтешкиот регионален спор“, пренесува Бета.

-Што се однесува до причините зошто украинскиот лидер воопшто би се впуштил во тешко решливото балканско прашање, сè веројатно се сведува на оружјето, оценува порталот. Во анализата се додава дека Србија и понатаму произведува значителни количества муниција од советски калибар — која на Киев му е неопходна, а не може да ја набави од западните сојузници што користат стандарди на НАТО. Тешките хаубици и тенкови од советско производство сè уште имаат клучна улога во украинската одбрана од Русија, а Вучиќ, „и покрај прорускиот став, е подготвен тивко да ја обезбедува за Киев“.

„Украина е во ситуација во која не може да се грижи за прашања што ги надминуваат нејзините непосредни потреби, па затоа Вучиќ ѝ е поважен“, истакнува Бибер, кој е директор на Центарот за проучување на Југоисточна Европа при Университетот во Грац.

Според Бибер, приближувањето на Вучиќ кон Зеленски делумно претставува и обид да се ублажат критиките од Брисел и од лидерите на ЕУ. Тие претходно го осудија „ескалирањето на насилството“ за време на антивладините протести и „колапсот на демократските стандарди“ во Србија.

„Тој се надева дека поради своите блиски — барем симболично поблиски — врски со Зеленски, ќе добива помалку критички коментари во наредните месеци. Вучиќ го прави тоа со цел да влијае врз ЕУ пред можните избори во земјата“, додава Бибер.

Порталот наведува дека украинскиот претседател „на потешкиот начин дознал дека за Косово не постои попатна забелешка“, бидејќи неговата посета на Белград минатиот викенд предизвика силни одгласи на Балканот долго по неговото враќање во Киев.

Приштина веднаш реагираше на неговата изјава за непризнавањето на Косово со отстранување на огромното украинско знаме од зградата на еден хотел во центарот на градот, кое беше поставено во знак на поддршка за Украина уште во 2022 година.

Градоначалникот на Приштина, Пепарим Рама, изјави дека „државата Косово мора да се почитува“ и дека, иако нивната емпатија и солидарност секогаш ќе бидат со народите што се соочуваат со војна, насилство и прогон, „ниту една цел и ниту една политика не може да се гради преку омаловажување на државноста на Косово и на жртвата на неговиот народ“.

Косовскиот министер за надворешни работи, Глаук Конјуфца, изрази жалење за ставот на Зеленски, отфрлајќи ги обидите на Русија да го користи Косово како преседан или оправдување за инвазијата и анексијата на украински територии.

„Политико“ потсетува дека по посетата на Зеленски, Вучиќ најави промена на текот на реката Ибар поради односот на приштинските власти кон српскиот народ во Косово и рушењето на српските куќи кај езерото Газивода. Ова предизвика остри реакции кај косовските власти, но и размена на обвинувања меѓу српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ и албанскиот премиер Еди Рама на платформата Икс.