Дневниот весник „Иманите“, близок до Француската комунистичка партија, кој подолго време се соочува со големи финансиски потешкотии, се најде во ситуација на целосно празни сметки, поради што е ставен под заштита на трговскиот суд, јави МИА.
Директорот на весникот Патрик Ле Хијарик соопшти дека расправата во судот за иднината на „Иманите“ ќе се одржи на 30 јануари.
– Пред неколку месеци читателите и вработените во весникот, основан во 1904 година од Жан Жорес, беа информирани за сериозните финансиски потешкотии со кои се соочи „Иманите“, слично како и многу други весници, наведува Ле Хијарик во кусото соопштение.
Според еден новинар на „Иманите“, кој побарал анонименост, вработените биле информирани за ваквиот развој на настаните во четвртокот на редакцискиот состанок, при што им било ветено дека платите ќе им бидат исплатени преку системот за гаранција на платите, која ја презема таа обврска кога едно претпријатие нема средства за исплата на плати.
Тој посочува дека новинарите, кои претставуваат повеќе од половина од 200-та вработени на весникот, биле „изненадени“ од оваа вест, но дека остануваат „борбени“.
Повеќе дневни весници во Франција се погодени од кризата на печатените медиуми, што го отвора и прашањето за независноста на печатот, во момент кога новинарите се напаѓани од „жолтите елеци“ за необјективност и кога се повеќе луѓето им верувата на „лажните вести“, што се шират на социјалните мрежи.
Кризата со „Иманите“ го поставува и прашањето дали денес сè уште е можно постоење независен весник, наспроти големите финансиски групи или нивните подружници.
Креирањето квалитетно новинарство стана сè потешко за медиумите кои се борат за економски опстанок, особено за дописништвата во странство и истражувачките новинари, на кои им се потребни повеќе ресурси.
Според управата на весникот „Иманите“, изработен е план за излез од кризата, кој има две можности: банкрот и затворање на весникот или реорганизација по судска наредба, со цел да му се даде шанса да ја продолжи својата активност.
– Весникот на Жан Жорес не е мртов, изјави еден друг новинар на „Иманите”.
Објавен е повик за одржување собир за поддршка на „Иманите“ на 22 февруари во Париз, а истовремено е иницирана акција за собирање средства, со цел да му овозможи на дневниот весник да продолжи да излегува од печат.