Сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со GPS уреди и се следат преку современ мониторинг центар.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски истакнува дека системот овозможува во реално време да се знае каде се наоѓа секое возило, по која маршута се движи, со која брзина, колку време е во движење, но и колкава е реалната потрошувачка на гориво.

-Кога со парите на граѓаните се раководи како со сопствениот домашен буџет, тогаш се внимава на секој денар, секој трошок и на секоја можна злоупотреба. Дополнително, преку специјални сонди се контролира и нивото на гориво, со што директно ги лоцираме нелогичните трошоци и ја оптимизираме работата. Секое возило, секој километар и секој литар гориво мора да има оправдување, нагласува скопскиот градоначалник.

Ѓорѓиевски вели дека ова е систем на одговорност и затоа сакаат со сопствен пример да покажат дека Град Скопје максимално го штити буџетот на граѓаните и дека функцијата не е привилегија, туку обврска.

-Затоа, почнуваме од себе. Јас користам сопствено возило и горивото го плаќам од сопствениот буџет. Службеното возило кое во минатото го користеле градоначалниците е ставено на располагање за потребите на градот.  А дека домаќинскиот пристап носи резултати, покажуваат и бројките. ЈСП – Скопје во првите шест месеци бележи заштеда од половина милион евра за гориво, со дополнително вклучени 50 возила, споредено со првите шест месеци од истиот период лани. И тоа е само дел од промените што ги правиме. Секој денар што ќе го спасиме од непотребно трошење е денар повеќе за улици, паркови, јавен превоз, училишта, култура и подобар живот за скопјани. Нема да дозволиме парите на народот да истекуваат низ нечии привилегии и неодговорност. Воведуваме ред, контрола и домаќинско работење, затоа што градскиот буџет е сопственост на граѓаните, посочува Ѓорѓиевски.

Додава дека Скопје мора да биде пример како се управува со јавни пари.