Кинески хуманоиден робот истрчал сто метри за 9,32 секунди, со што го надмина светскиот рекорд на легендарниот јамајкански атлетичар Усеин Болт, објави денеска кинеската државна телевизија.
Роботот „Лајтнинг“ изработен од кинеската компанија „Хонор“, постигнал максимална брзина од 14,5 метри во секунда за време на подготвителна трка пред почетокот на вторите Светски игри на хуманоидни роботи што од денеска се одржуваат во Пекинг.
Неговиот резултат е подобар од светскиот рекорд на сто метри за мажи од 9,58 секунди, што Болт го постави на Светското атлетско првенство во Берлин во 2009 година.
„Лајтнинг“ во април победи и на полумаратонот во Пекинг кога патеката од 21 километар ја истрча за 50 минути и 26 секунди. На полумаратонот роботот бил висок 169 сантиметри и имал нозе долги 95 сантиметри. За Светските игри во Пекинг истражувачите му ги продолжиле нозете на роботот за десет сантиметри.




