Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија ги започнува официјалните подготовки за вториот круг од претквалификациите за пласман на Европското првенство 2029 година (Евробаскет 2029).
Подготовките стартуваат во Скопје, во салата позната како „Т Арената“ или ребрендираната „Телеком Арена“ (во рамките на СЦ Борис Трајковски), со почеток од 17:30 часот.
Селекторот Жозеп Марија Берокал и неговиот стручен штаб повикаа 15 кошаркари кои ќе имаат рок од четири до пет дена да се подготват за претстојните предизвици.
Националниот тим ќе тренира во македонската престолнина се до петок, по што е предвидено заминување за Виена. Овој августовски „прозорец“ на ФИБА носи само еден официјален натпревар за македонската селекција во оваа фаза.
Селекторот Жозеп Марија Берокал направи спој на искуство и нови квалитетни имиња кои треба да ја зголемат конкурентноста во тимот.
По подолга пауза, во националниот дрес се враќа најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ, кој доби зелено светло од својот клуб Арис да настапи во овој квалификациски циклус. Исто така, значајно освежување претставува дебито на новиот натурализиран американски центар Мозес Рајт, кој во минатата сезона настапуваше за Жалгирис во Евролигата, а од новата сезона е член на Олимпија Милано.
Покрај нив, на списокот се најдоа и стандардните репрезентативци како капитенот Војдан Стојановски, Андреј Јакимовски, Стојан Ѓуроски, Виктор Ташовски, Виктор Ефремовски, Адем Мекиќ, како и повратниците Кристијан Николов и Лејсон Зеќири. Во составот се и Лука Стојановски, Валмир Какруки, Резарт Мемед, Тома Стојаноски и Петар Бошалески. Поради повреди отсутни се Андреј Магдевски и Андреј Маслинко.




