Ова саботно попладне, градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски го искористи за да направи увид во инфраструктурните активности, кои локалната самоуправа и презема низ населбата Бардовци во последниве 10 месеци. Во таа насока, првиот човек на Општината беше во обиколка на инфраструктурата во рамки на станбениот комплекс „Бахаш“, каде Општина Карпош инвестираше во асфалтирање на нова улична мрежа, рабници и пешачки патеки, фекална и атмосферска канализација и поставување на современо улично осветлување.
Оттука, Лукровски се упати кон улица 1687 којашто целосно е асфалтирана, поставени се нови рабници, долж коловозот е направена пешачка патека со бехатон плочки, инсталирана е нова атмосферска и фекална канализација, а при крај се активностите за поставување на ново улично осветлување со штедливи лед – светилки. Градоначалникот на Карпош беше и во обиколка на улица 6А, каде треба да се интервенира со поставување на фекална канализација.




