Зголемување на облачноста, а во попладневните часови и нови врнежи од дожд на пониските места, како и снег на планините, најавува за утре УХМР.
Врнежите се очекува најпрво да бидат поинтензивни на запад, а потоа да се прошират насекаде и да траат и во вторник кога ќе бидат засилени на југоистокот и истокот.
Во Тетово утрово беше најстудено, со минус 11 степени, а максимален еден степен е измерен во Гевгелија.
Според УХМР, до 07:30 часот -10 било во Скопје Петровец, -8 во Прилеп, Битола и Дебар, -7 во Штип, -6 во Крушево, Демир Капија, Скопје Зајчев Рид и Крива Паланка, -4 во Охрид, Претор и Виница, како и -3 во Берово.
Висината на снежната покривка е 101 сантиметар на Попова Шапка, 35 во Тетово, 28 во Ѓуриште, 26 во Скопје Петровец, 25 во Демир Капија, 19 во Битола, 10 во Охрид и Штип, девет во Крива Паланка, Скопје Зајчев Рид и Претор, осум во Прилеп и Тополчани, четири во Виница и два сантиметра во Берово.
Во текот на денот ќе биде претежно сончево со мала до умерена облачност поголема на северот и на истокот. Наутро ќе има услови за појава на магла. Во северните делови ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, а на југот и од пладневните часови ветерот ќе е јужен. Минималната ќе би де во интервал од -9 до -1, а максималната температура ќе биде во интервал од еден до девет степени.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
На патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан до село Франгово, поради оштетување на коловозот, брзината на движење е ограничена на 40 километри на час.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони.
На осојничавите места коловозите се влажни, па поради ниските температури, карактеристични за вечерните и утринските часови постои можност и од појава на голомразица.