Иранскиот остров Харг, што претставува енергетски центар на Исламската Република, е „разбиен на парчиња“, соопшти американскиот претседател Доналд Трамп во објава на социјалните мрежи, проследена со видео-снимка создадена со помош на вештачка интелигенција.

Трамп не понуди други докази дека иранскиот енергетски центар е нападнат. Засега нема коментар од Белата куќа и американското Министерство за одбрана, ниту од иранска страна.

Агенциите посочуваат дека со специјален софтвер за откривање содржини генерирани со вештачка интелигенција е утврдено дека видео-снимката објавена заедно со пораката, на која се прикажани драматични експлозии, најверојатно е генерирана со вештачка интелигенција.

Напад врз островот Харг, преку кој до пред 28 февруари кога почнаа американско-израелските напади се одвиваше 90 проценти од иранскиот извоз на нафта, сериозно би ја нарушил енергетската трговија на Исламската Република и би извршил огромен притисок врз нејзината економија.

Објавата на Трамп доаѓа во момент на зголемени тензии во Ормуската Теснина, откако САД нападнаа ирански ракетни лансери на островот Ларак, а Иран соопшти дека возвратил со напади врз американски воени цели во Јордан.

Во меѓувреме, ирански медиуми објавуваат соопштение на Исламската револуционерна гарда за соборено американско беспилотно летало „MQ-9“ над Ормуската Теснина.

фото: архива