Полскиот претседател Карол Навроцки денеска во Гдањск, на годишнината од почетокот на Втората светска војна, побара од Германија репарации и компензација за злосторствата во тие воени години, за да не мора Варшава да зема кредити за ново оружје.
Премиерот Доналд Туск апелираше дека лекцијата од воените ужаси што започнаа на 1 септември 1939 година мора да биде солидарноста на сојузниците.
„Апелирам тука, на Вестерплате, до канцеларот на Германија, до германскиот народ: да го решиме прашањето за репарациите и компензацијата имајќи ја предвид историската правда, но и иднината“, рече Навроцки.
„Вистинска категорична сојузничка декларација за Полска бара од нашите сојузници од Берлин и нашите соседи да ни платат компензација што Полска ќе ја инвестира во вооружените сили, во полската воена индустрија, за да не мора да земаме западни кредити, за да го добиеме она што ни припаѓа“, рече полскиот претседател.
Тоа прашање за репарациите во Полска го отвораат опозициските конзервативни националисти кои, додека беа на власт до есента 2023 година, пресметаа дека Германија ќе мора да и плати на Полска околу 1,3 трилиони евра, а аргументот дека Полска официјално се откажала од репарациите во 1950-тите не се признава.




