Во Клиничкиот центар во Скопје денеска по кратко боледување почина проф. д-р Јован Донев (71), поранешен амбасадор, универзитетски професор, виден истражувач и деец во сферата на општествените науки, аналитичар и долгогодишен колумнист на „НетПрес“, објави порталот.

Донев зад себе остави богата академска, научна и дипломатска кариера. Во текот на својот професионален ангажман беше посветен на истражувањето на македонската историја, меѓународните односи и геополитичките процеси поврзани со Македонија и Балканот.

Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1979 година. Магистрирал во 1986 година, а докторирал во 1993 година, посветувајќи значаен дел од својот научен интерес на меѓународните политички аспекти на македонското прашање.
Својата научна кариера ја градеше во Институтот за национална историја во Скопје, каде што достигна звање научен советник и редовен професор. Предавал и на повеќе високообразовни институции, меѓу кои Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Во периодот од 1999 до 2012 година беше извршен директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, а претходно бил и директор на Охридскиот летен универзитет.

Во деведесетите беше претсадател и на управниот одбор на Фондацијата Инстуут Отворено Општество Македонија, под покровителство на филантропот и финансиер Џорџ Сорос.

Во дипломатската кариера, Јован Донев беше амбасадор на Република Македонија во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон, во периодот од 2013 до 2017 година.

Во истиот период бил акредитиран и како амбасадор во Ирска и Исланд, претставувајќи ја Македонија во важен период од нејзините меѓународни односи.

Во 2017 година бил и член на Советот за безбедност на Република Македонија.

Донев е автор и коавтор на бројни научни трудови и публикации од областа на историјата, меѓународните односи и надворешната политика. Меѓу неговите позначајни дела се публикации посветени на Македонија во меѓународните договори, односите на големите сили кон Балканот и македонското прашање во периодот на Балканските војни.