Директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ изјави дека Албин Курти повторни прибегнува кон стар трик и со избегнувањето обврски за формирање на Заедница на српски општини се обидува да ја оправда со тезата дека ЗСО е „желба на Белград“. Според него, ЗСО не е прашање за чија било политичка волја туку прашање за потпишани договори.

Петковиќ додава во објава на Х дека дијалогот не е шведска маса, па Приштина да бира што да почитува, а што не.

Косовскиот премиер со технички мандат, Албин Курти, го отфрли формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО), како што побара Белград, оценувајќи дека тоа би била структура „слична на Република Српска во Босна и Херцеговина“ што внатрешно би ја поткопала државноста, независноста и функционалноста на Косово, објавија денеска косовските медиуми на српски јазик, пренесе Хина.

Бриселскиот договор за принципите што го регулираат нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово беше потпишан на 19 април 2013 година, а преговорите ги водеа тогашните премиери на Србија, Ивица Дачиќ, и на Косово, Хашим Тачи, под мандат на високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Кетрин Ештон.

Формирањето на ЗСО е една од 15-те точки од договорот на кои Белград инсистира и сè уште не е спроведен, додека Србија истовремено го оспорува приемот на Косово во меѓународни организации, вклучувајќи ги и ОН.