Рената ПЕПЕЉУГОСКА за МИА

Клиниката за физикална медицина и рехабилитација прераснува во современ центар, во кој роботиката, новите технологии, модерната физикална медицина и подобрите услови за пациентите стануваат секојдневие. Обезбедивме нова медицинска опрема, реконструиравме амбулантски простории, имаме нови кабинети и повторно ставивме во функција услуги што со години не биле достапни. Располагаме со целосно опремен кабинет за современа роботски асистирана рехабилитација за деца и возрасни, каков што во јавното здравство нема да можете да сретнете во ниедна од земјите на Балканскиот Полуостров.

Ова во интервју за МИА го истакнува директорот на Клиниката, д-р Злате Мехмедовиќ, кој вели дека по 70 години, Клиниката конечно влегува во најголемиот циклус на инфраструктурна и технолошка модернизација во рамките на кој овој месец почнува голем проект за реконструкција и енергетска ефикасност во вредност од речиси 1,5 милион евра, обезбедени како грант од Светската банка, кој опфаќа фасада и изолација, покрив, прозорци и воведување современ систем со топлотни пумпи.

– Во изминатиот период направивме сериозен исчекор во модернизацијата на Клиниката. Набавена е современа опрема за роботски асистирана рехабилитација на горни и долни екстремитети за работа со деца. Тоа ни овозможува терапијата да биде попрецизна, поинтензивна и подобро приспособена на функционалните можности на пациентот. Дополнително, инвестиравме во современа електротерапија, ултразвучна дијагностика, опрема за лимфна дренажа и други технологии потребни за современа физикална медицина. На Клиниката првпат функционира и апарат за ехо на мускулно-скелетен систем – вели д-р Мехмедовиќ.

Посочува дека до крајот на годината го прошируваат спектарот и со современи процедури, кои се стандард во напредните центри за физикална медицина и рехабилитација, како што се TECAR-терапија, скенирачки ласер и фокусирана shock wave-терапија. Оваа или идната година, истакнува, ќе обезбедиме паметни ленти за одење, за проодување, роботи што служат за движење во ходниците и ги потпомагаат пациентите да се движат од местото каде што им е болничкиот кревет до местото на кое треба да примаат терапија или само да се движат. Појасни дека планираат да обезбедат нов декса-скен и размислуваат за проширување на радиодијагностиката со рендген, магнетна резонанција…, а во 2027 година возможно е да воведат нова дијагностичка процедура, како што е електромиелографијата.

– Работиме и во стационарниот и во амбулантско-терапевтскиот сегмент и затоа притисокот врз капацитетите е значителен, бројот на пациенти што секојдневно примаат терапија достигнува и до 600, а бројот на процедури до 2.500 секој ден. Рехабилитацијата не е дополнителна или луксузна здравствена услуга. Таа е продолжение на лекувањето. Успешно изведена операција или успешно лекуван мозочен удар не се крај на третманот доколку пациентот не може да се врати кон функционален, самостоен живот. Не е доволно пациентот да преживее мозочен удар или успешно да заврши операција. Нашата задача е да му помогнеме повторно да оди, да функционира, да работи и да живее што е можно посамостојно – вели д-р Мехмедовиќ.

Во врска со тоа како Клиниката се справува со листите на чекање за амбулантска и болничка рехабилитација и постојат ли планови за дигитализација и побрзо менаџирање на термините, тој вели дека решението не е само во зголемување на бројот на термини, туку мора подобро да управуваат со постојните капацитети, а дигитализацијата може многу да помогне.

– Го реализиравме првиот чекор од дигиталните приоритети на Клиниката, надграден е системот за материјално и финансиско работење и тие податоци денес ни овозможуваат рационално користење на средствата на Клиниката и ни отвораат простор за нови инвестиции. Населението старее, хроничните незаразни заболувања се зголемуваат, а медицината овозможува преживување по состојби што порано имале многу полош исход. Тоа значи дека во иднина потребата од рехабилитација нема да се намалува, таа ќе расте – посочува д-р Мехмедовиќ.

Во врска со тоа кои се неговите следни цели за унапредување на позицијата на здравствените работници во Македонија за да се спречи нивниот одлив во странство, тој вели дека здравствените работници не заминуваат само поради платата, заминуваат и кога не гледаат професионален развој и систем што го вреднува нивното знаење и тоа мора да биде усогласено со сите позитивни правни, законски прописи од областа на здравството. Тоа, појаснува, значи подобри услови за работа, современа опрема, јасни законски можности за професионален развој, специјализации и едукација, подобра организација на работата и, пред сè, заемно почитување со здравствениот работник.

– На крајот, можете да изградите нови болници, да купите најсовремена опрема и да воведете најдобар информациски систем, но без луѓето што ќе работат во него немате здравствен систем. Најскапата инвестиција во здравството не е новата болница или новата медицинска опрема. Највредната инвестиција е човекот кој знае како да ги користи. Затоа мојата клучна порака е: инвестицијата во здравството не е трошок. Тоа е инвестиција во одржливоста на здравствениот систем, благосостојба и инвестиција во просперитетот на државата. Силните економии во своите темели имаат силен здравствен систем. Затоа ниедна држава не станала богата пред да стане здрава! – додава д-р Мехмедовиќ во интервјуто за МИА.

Како специјалист по медицина на трудот, поранешен директор на Здравствен дом – Скопје и поранешен портпарол на Комисијата за заразни болести, национален кординатор на СЗО за примарна здравствена заштита, човечки ресурси и итни медицински состојби, член на здравствениот совет – имате исклучително широк увид во здравствениот систем. Кои беа Вашите клучни приоритети и први чекори кога ја презедовте менаџерската функција во оваа јавна здравствена установа?

Кога ја презедов функцијата, мојата прва цел беше многу јасна, Клиниката да почне да се менува суштински, а не само формално. Здравствена установа која има исклучително важна улога во системот не може да функционира со инфраструктура, опрема и организациски модели што со децении не биле сериозно обновени.

Затоа поставивме три приоритети: подобрување на условите за пациентите и вработените, модернизација на медицинската опрема и воведување современи методи на рехабилитација. Во изминатиот период реконструиравме амбулантски простории, набавивме нова медицинска опрема, отворивме нови кабинети и повторно ставивме во функција услуги што со години не биле достапни. Особено се гордеам што денес Клиниката располага со современа роботски асистирана рехабилитација за деца и возрасни. Ваков тип целосно опремен, современ роботски кабинет во јавното здравство нема да можете да сретнете во ниедна од земјите на Балканскиот Полуостров.

Не сакам само да управуваме со институцијата. Сакам по неколку години јасно да се гледа дека Клиниката е подобра од онаа што ја наследивме. И денес Клиниката веќе е многу повеќе од она што го наследивме.

По речиси 70 години чекање, две години трансформација, од стара клиника создаваме центар за медицина на иднината. Оваа трансформација не ја гледам само низ бројките, новата опрема или градежните зафати. Суштината е во тоа што за релативно краток период успеавме да го смениме правецот во кој се движи Клиниката. Од установа со инфраструктура стара речиси седум децении, денес создаваме современ центар, во кој роботиката, новите технологии, модерната физикална медицина и подобрите услови за пациентите стануваат секојдневие.

Со какви инфраструктурни и кадровски предизвици се соочува Клиниката во моментот? 

Најголемиот инфраструктурен предизвик е фактот дека работиме во објект стар речиси седум децении, кој досега немал реконструкција од обемот што сега го почнуваме.

Овој месец почнува голем проект за реконструкција и енергетска ефикасност во вредност од речиси 1,5 милион евра, обезбедени како грант од Светската банка. Проектот опфаќа фасада и изолација, покрив, прозорци и воведување современ систем со топлотни пумпи. По завршувањето, ќе добиеме значително пофункционална и енергетски ефикасна здравствена установа според современи стандарди. По 70 години, Клиниката конечно влегува во најголемиот циклус на инфраструктурна и технолошка модернизација. Инвестицијата од 1,5 милион евра не значи само нова фасада, прозорци или систем за греење. Таа значи подобри услови за пациентите и достоинствени услови за работа на здравствените работници.

Кадровскиот предизвик, пак, не е специфичен само за нашата Клиника. Недостигот и стареењето на здравствениот кадар стануваат системски проблем. Затоа инфраструктурата и технологијата мора да ги следи паралелна политика за човечки ресурси.

Нашата амбиција не е само да го обновиме она што било запоставено. Целта е да изградиме клиника што во следните години ќе поставува нови стандарди во македонската рехабилитација и ќе се приближува кон најдобрите европски практики. Клиниката што ја наследивме и Клиниката што ја создаваме се два света.

Каков е капацитетот на Клиниката за сместување и третман на пациенти од Скопје и од другите градови во државата? 

Нашата Клиника е терциерна здравствена установа и нејзината улога не е ограничена само на Скопје. Кај нас доаѓаат пациенти од целата држава, особено пациенти кај кои е потребна комплексна и континуирана физикална медицина и рехабилитација.

Работиме и во стационарниот и во амбулантско-терапевтскиот сегмент и токму затоа притисокот врз капацитетите е значителен. Бројот на пациенти што секојдневно примаат терапија достигнува и до 600, а бројот на процедури до 2.500 секој ден.

Мора да разбереме дека рехабилитацијата не е дополнителна или луксузна здравствена услуга. Таа е продолжение на лекувањето. Успешно изведена операција или успешно лекуван мозочен удар не се крај на третманот доколку пациентот не може да се врати кон функционален, самостоен живот. Не е доволно пациентот да преживее мозочен удар или успешно да заврши операција. Нашата задача е да му помогнеме повторно да оди, да функционира, да работи и да живее што е можно посамостојно.

Затоа во иднина мора да зборуваме не само за бројот на кревети, туку и за функционалниот капацитет на системот за рехабилитација, колку пациенти можеме навремено да примиме, колку терапија можеме да обезбедиме и со каков резултат пациентот го завршува третманот.

Успехот на рехабилитацијата не го мериме само со бројот на реализирани терапии, туку со тоа колку функционалност сме му вратиле на пациентот.

Како се справувате со листите на чекање за амбулантска и болничка рехабилитација и постојат ли планови за дигитализација и побрзо менаџирање на термините? 

Потребата на секој трет жител на овој свет од рехабилитација е еден од најголемите предизвици на современите системи затоа што потребите се големи, а ресурсите се ограничени. Но решението не е само во зголемување на бројот на термини. Мора подобро да управуваме со постојните капацитети.

Дигитализацијата тука може многу да помогне. Треба да знаеме во реално време кои капацитети се достапни, каде постои слободен термин, кои пациенти имаат медицински приоритет и колку време се чека за определена услуга.

Јас сум голем поддржувач на концептот на управување со здравството преку податоци. Она што не го мериме, тешко можеме да го подобриме. Затоа и го реализиравме првиот чекор од дигиталните приоритети на Клиниката, надграден е системот за материјално и финансиско работење, и тие податоци денес ни овозможуваат рационално користење на средствата на Клиниката и ни отвараат простор за нови инвестиции.

Здравствен систем кој нема податоци во реално време управува гледајќи во ретровизор. Она што не го мериме, не можеме ниту добро да го управуваме, а уште помалку да го подобриме.

Кои се најчестите патологии на пациенти на кои им се неопходни здравствени услуги во Вашата установа? 

Спектарот е многу широк. Имаме пациенти со невролошки заболувања, пред сè, по мозочен удар, пациенти со повреди и заболувања на локомоторниот систем, состојби по ортопедски операции, дегенеративни заболувања, ревматолошки состојби, како и пациенти на кои им е потребна постоперативна и долготрајна рехабилитација.

Имаме и педијатриска рехабилитација и првпат во Македонија од ноември 2025 година роботска педијатриска рехабилитација, што е особено значајна област.

Она што се менува е профилот на пациентите. Населението старее, хроничните незаразни заболувања се зголемуваат, а медицината овозможува преживување по состојби што порано имале многу полош исход. Тоа значи дека во иднина потребата од рехабилитација нема да се намалува, таа ќе расте. Затоа рехабилитацијата мора да ја гледаме како еден од стратешките столбови на здравствениот систем. Таа е основата за добро здравје, но ако гледаме и пошироко, рехабилитацијата е основата за економски силна работоспособна држава, а тоа е принципот на кој функционираат сите економски велесили.

Вашата Клиника располага со нова апаратура. За што станува збор?

Во изминатиот период направивме сериозен исчекор во модернизацијата на Клиниката. Набавена е современа опрема за роботски асистирана рехабилитација на горни и долни екстремитети за работа со деца. Тоа ни овозможува терапијата да биде попрецизна, поинтензивна и подобро приспособена на функционалните можности на пациентот. Дополнително, инвестиравме во современа електротерапија, ултразвучна дијагностика, опрема за лимфна дренажа и други технологии потребни за современа физикална медицина. На Клиниката првпат функционира и апарат за ехо на мускулно-скелетен систем.

Во следната фаза на модернизацијата, до крајот на годината, го прошируваме спектарот и со современи процедури, кои се стандард во напредните центри за физикална медицина и рехабилитација: TECAR-терапија (современа форма на радиофреквентна терапија со која се стимулираат природните процеси на регенерација во ткивата, која е особено применлива кај одредени мускулно-скелетни состојби, спортски повреди и во посттрауматската и постоперативната рехабилитација), скенирачки ласер (комбиниран интензитет, кој овозможува третман на поголема површина преку контролирано и рамномерно доставување на ласерската енергија) и фокусирана shock wave-терапија (која користи високоенергетски акустични бранови, кои може прецизно да се насочат кон одредено ткиво, да дејствуваат во поголема длабочина, а тоа особено значење има кај одредени хронични мускулно-скелетни состојби и ентезопатии, како калцификати на рамото, плантарен фасциитис и одредени хронични тендинопатии, секогаш по соодветна медицинска индикација).

До крајот на годината или во текот на идната ќе обезбедиме паметни ленти за одење, за проодување, роботи што служат за движење во ходниците и ги потпомагаат пациентите да се движат од местото каде што им е болничкиот кревет до местото на кое треба да примаат терапија или само да се движат. Планираме да обезбедиме нов декса-скен и размислуваме за можноста да се прошири радиодијагностиката со рендген, магнетна резонанција…Во 2027 година возможно е воведување нова дијагностичка процедура, како што е електромиелографијата.

Во периодот 2024 – 2025 година инвестициите во медицинска опрема се во вредност од приближно 700.000 евра.

Но за мене не е најважно само колку чини една машина. Најважното прашање е што добива пациентот од таа инвестиција? Не купуваме опрема за да кажеме дека ја имаме. Инвестицијата има смисла само ако пациентот ја почувствува преку подобар исход од лекувањето. Технологијата има вредност само ако резултира со подобра функционалност, поквалитетна рехабилитација и побрзо враќање на пациентот во секојдневниот живот, и тоа денес на нашата Клиника секојдневно се гледа.

Колку новите технологии, како роботиката за рехабилитација и напредната електротерапија, се застапени во секојдневната пракса кај нас? 

Роботиката веќе не е технологија на иднината. Таа е дел од современата рехабилитација денес. Македонија може да се пофали дека има еден од најсовремените кабинети за роботика, а нашата Клиника може да се пофали дека е првата здравствена установа во Македонија што работи со роботика. И тоа како пионери го правиме успешно во интерес на пациентите во последните две години.

Да бидеме реални, можеме да купиме најсовремен робот, но без обучен физиотерапевт – тој е само машина. Роботиката нема да го замени физиотерапевтот, но физиотерапевтот, кој располага со современа технологија, ќе има многу поголеми можности да му помогне на пациентот. Затоа нашиот концепт е комбинација од човечка експертиза, технологија и индивидуализиран пристап кон пациентот. На нашата Клиника е завршена обука за роботика на осум физиотерапевти, кои сега може да едуцираат други колеги за овој вид терапија. Најдобри резултати добиваме кога ќе ги споиме знаењето на здравствениот работник, современата технологија и индивидуалниот пристап кон пациентот. Токму во таа комбинација ја гледам иднината на физикалната медицина и рехабилитацијата.

Со оглед на Вашата претходна улога во реформите на примарното здравство (ПЗЗ), како ја оценувате соработката меѓу матичните лекари и Клиниката за рехабилитација? 

Примарното здравство мора да биде вистинската влезна точка во здравствениот систем, а не само административна станица од која пациентот се препраќа кон повисоко ниво. Матичниот лекар најдобро ја познава медицинската историја на пациентот и треба да има поголема улога во неговото долгорочно следење, вклучително и по завршувањето на рехабилитацијата.

Од друга страна, терциерните установи мора да обезбедат јасни препораки што ќе му овозможат на матичниот лекар да продолжи со следење на пациентот. Ни треба подобра вертикална интеграција, пациентот не смее да почувствува дека преминува од еден во друг неповрзан систем.

Крајната цел на реформата на примарното здравство е повеќе здравствени услуги поблиску до пациентот, подобра координација и помалку непотребно препраќање низ системот.

Дали раната рехабилитација на терциерно ниво (веднаш по хируршки или невролошки интервенции) кај нас почнува навреме? 

Сакам да биде јасно дека Клиниката е единствена ЈЗУ од ваков тип во Македонија, но не е единствена установа што дава физикална медицина и рехабилитација. Затоа би рекол дека има простор за значително подобрување. Во современата медицина рехабилитацијата не треба да почне тогаш кога ќе заврши вистинското лекување. Рехабилитацијата е дел од лекувањето. Кај пациент по мозочен удар, голема ортопедска операција, траума или друга сериозна состојба, времето е исклучително важно. Колку порано, кога медицинската состојба го дозволува тоа, почне соодветната рехабилитација, толку се поголеми шансите за подобар функционален исход. Затоа треба да изградиме систем во кој физијатарот и рехабилитацискиот тим ќе бидат вклучени порано во патеката на пациентот.

Мојата визија е да се движиме кон континуум на здравствена грижа, од акутното лекување преку раната рехабилитација до амбулантската и рехабилитацијата во заедницата. Не треба пациентот да чека системот да одлучи каде ќе продолжи. Транзицијата мора да биде планирана уште од моментот кога неговата здравствена состојба ќе се стабилизира.

Кои се Вашите следни цели за унапредување на позицијата на здравствените работници во Македонија за да се спречи нивниот одлив во странство? 

Човечките ресурси се можеби најголемиот предизвик што ќе го има македонското здравство во следната деценија.

Не можеме да го решиме одливот на здравствени работници само со една мерка, ниту само со зголемување на платата. Платата е исклучително важна, но луѓето остануваат во систем во кој гледаат перспектива. Здравствените работници не заминуваат само поради платата. Заминуваат и кога не гледаат професионален развој и систем што го вреднува нивното знаење и тоа мора да биде усогласено со сите позитивни правни, законски прописи од областа на здравството. Тоа значи подобри услови за работа, современа опрема, јасни законски можности за професионален развој, специјализации и едукација, подобра организација на работата и, пред сè, заемно почитување со здравствениот работник.

Потребно е и многу планирање. Државата мора да знае колку лекари, медицински сестри, физиотерапевти и други здравствени професионалци има денес, колку ќе се пензионираат и колку ќе ни бидат потребни за пет, десет и петнаесет години. Ако денес не планираме кој ќе ги лекува пациентите за десет години, тогаш ќе биде предоцна.

Дигитализацијата и вештачката интелигенција дополнително ќе го променат начинот на кој работиме, но тие нема да ја намалат важноста на здравствениот работник. Напротив, треба да го ослободат од непотребната администрација и да му остават повеќе време за пациентот. Здравството на иднината ќе биде дигитално и технолошки напредно, но мора да остане човечко. Вештачката интелигенција може да му даде повеќе информации на лекарот, но довербата меѓу пациентот и здравствениот работник не може да ја замени ниеден алгоритам.

Мојата визија е едноставна, помалку администрација, повеќе медицина. Помалку чекање, повеќе навремена услуга. Повеќе технологија, но и повеќе време за пациентот.

На крајот, можете да изградите нови болници, да купите најсовремена опрема и да воведете најдобар информациски систем, но без луѓето што ќе работат во него – немате здравствен систем. Најскапата инвестиција во здравството не е новата болница или новата медицинска опрема. Највредната инвестиција е човекот што знае како да ги користи.

Затоа мојата клучна порака е: инвестицијата во здравството не е трошок. Туку инвестиција во одржливоста на здравствениот систем, инвестиција во благосостојба и инвестиција во просперитетот на државата. Силните економии во своите темели имаат силен здравствен систем. Затоа ниедна држава не станала богата пред да стане здрава!