Изминатава година интензивно работевеме на воведување на Градскиот воз кој треба приградските населби и општини кои гравитираат околу главниот град, да ги спои со Скопје на еден еколошки и брз начин. Тоа сериозно ќе придонесе за намалување на загадувањето, сериозно ќе придонесе учениците, студентите и сите оние кои што работат во Градот Скопје и во општините навреме да стигнуваат, вели во интервјуто за ТВ Канал 5, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

„Вчера можеа сите да видат дека од Зелениково до Скопје се патува некаде за 24 минути. Што ако споредите дека со кола се патува некаде около 70 минути, многу е јасно која е разликата. Тоа сериозно ќе придонесе и за намалување на загадувањето, сериозно ќе придонесе луѓето навреме да стигнуваат и учениците, и студентите и оние коишто работат во градот Скопје и во општините. И се надевам дека масовно ќе биде користен, дека сè помалку ќе се користат возила на оваа линија каде што поминува сега градскиот воз, а сè повеќе ќе се користи возот. Возот поминува низ станиците Зелениково, Ново Зелениково, Орешани, Јане Сандански, понатаму Лисиче, Драчево, веќе работиме на станица кај Кисела Вода – 11 Октомври – бараки и завршува на Новата железничка станица” – истакна Николоски.

Тој додаде дека се работи на проектирање на уште две нови линии едната од Ѓорче Петров до Центар и втората од Илинден до Центар, со што ќе се заокружи концептот на три линии на градскиот воз како нов јавен превоз за Скопје.