Манифестацијата „Карпошово културно лето“ ја посетиле над 20.000 лица, соопштија од локалната самоуправа.
-Овој август летото навистина имаше адреса – Карпош. Пред десет дена, тоа беше покана: да излеземе од дома, да се сретнеме, да слушнеме добра музика, да погледнеме филм под августовското небо, да им дадеме простор на уметноста, традицијата и детската фантазија. Но, пред сè – да бидеме заедно. Денес, со задоволство можам да кажам дека Карпош ја прифати таа покана. 20.000 посети на програмските содржини се бројка со која можеме да се гордееме, вели градоначалникот Сотир Лукровски, стои во соопштението од локалната самоуправа.
Но вредноста на ова културно лето, според него, не е само во бројките.
-Таа е во детската насмевка пред сцената, во семејството што заедно помина една летна вечер, во младите што се собраа со пријателите, во песната што некому му разбуди спомен и во соседите што повторно се сретнаа во своето маало. Зад секоја посета стои човек, момент и приказна. И токму тоа е најголемиот успех на ова лето.Сакавме Карпош да стане сцена. И во овие десет дена сцената се пресели низ целата општина.
„Делфина“ собра илјадници луѓе кои пееја во еден глас, додека дворот на „Петар Поп Арсов“ се претвори во кино под отворено небо за македонскиот филм. Млечен ги спои фолклорот, евергринот, рокот, хорското пеење, ликовната уметност и современата музика, а во Бардовци спортот, традицијата и музиката ги собраа различните генерации на едно место.
Посебно место имаа и нашите најмлади карпошани. Тие не беа само публика – создаваа, замислуваа и ни покажаа како изгледа Карпош низ нивните очи.
Од плакатите на Горан Стефановски, преку младите автори и ReART, до детските цртежи, фолклорот, филмот, концертите и мандолинската музика, овие десет дена покажаа колку различни лица може да има културата. И, уште поважно, колку е вредна кога има место за секого.
На истите места се сретнаа деца и повозрасни, музичари и публика, соседи и пријатели – луѓе кои можеби секојдневно минуваат едни покрај други, а ретко застануваат заедно.
Во време кога сè почесто комуницираме преку екрани, „Карпошовото културно лето“ нè потсети на нешто едноставно, но важно – на вредноста на живата средба.
Аплаузот што навистина го слушаш, песната што ја пееш со човекот до тебе, филмот што го гледаш со соседите од маалото и орото во кое секогаш има место за уште еден. Тоа не е само програма. Тоа е заедница.
Секако, ова лето немаше да биде можно, се посочува, без луѓето кои беа на сцената.
-Им благодарам на сите уметници, музичари, автори, изведувачи, хорови, културно-уметнички друштва, млади творци, деца и учесници кои го подарија својот талент. Им благодарам на сите соработници, на медиумите кое беа постојано со нас и будно ги следеа сите случувања. Им благодарам на службите, организациските и техничките екипи и на сите луѓе кои работеа зад сцената, често невидливи за публиката, но присутни во секој детал од фестивалот. Но моето најголемо благодарам оди кај вас, карпошани. Кај сите што дојдовте.Кај оние што дојдовте еднаш. И кај оние што се враќавте повторно. Кај оние што пееја. Кај оние што играа. Кај оние што аплаудираа. Кај родителите што ги донесоа своите деца. Кај младите што открија нешто ново. Кај повозрасните кои повторно слушнаа песна што им разбуди спомен. Кај секој од вас што со своето присуство додаде уште малку живот во оваа приказна. Сцената може да биде совршено поставена, светлата да се вклучат и музиката да започне. Но без луѓето – нема магија, потенцира Лукровски.
На почетокот, вели Лукровски, рековме: „Овој август летото има адреса… Карпош.’’
-Денес таа реченица веќе не е само слоган. Таа е спомен на вечери во кои се пееше, играше, создаваше и дружеше. На маала што станаа сцени и на луѓе што им дадоа живот. Адресата беше Карпош. Заврши 17-тото „Карпошово културно лето“. Рефлекторите се изгаснаа, концертите завршија и сцените се расчистија. Но вредноста на една манифестација не завршува со последната песна. Останаа средбите, детските спомени, фотографиите, музиката, новите пријателства и емоциите. А над сè остана чувството дека кога сме заедно, Карпош е поубаво место за живеење. Ви благодарам што бевте дел од ова лето и што ја прифативте поканата. Летото ќе помине. Но она што го доживеавме заедно – останува. До следното издание на Карпошово културно лето, продолжуваме силно, со работа и посветеност! Со љубов за Карпош! , порача Лукровски.




