Дванаесетгодишната Деана Органџиева од Валандово го привлече вниманието со својот научен талент, откако беше избрана меѓу само 75 ученици од цела Австрија кои добија можност да учествуваат во престижната Vifzack Academy 2026.

Деана, која денес е ученичка во Виена, зад себе веќе има значајни признанија. Таа двапати е прогласена за ученик на годината – за учебните 2024/25 и 2025/26 година, со што станала единствен ученик од своето училиште номиниран за аплицирање на Академијата.

По конкурентна селекција на национално ниво, Деана беше избрана меѓу најдобрите млади таленти од сите девет австриски покраини.

Vifzack Academy 2026 им овозможи на младите учесници да се запознаат со различни научни области и да работат во непосредна близина на истражувачи од ISTA.

Програмата опфати шест области – компјутерски науки и роботика, биологија и микробиологија, иновации и изумување, вселенски науки, невронаука и математика.

Деана беше избрана во областа компјутерски науки и роботика, каде што имала можност своето знаење да го претвори во практично решение.

Во рамките на Академијата, таа самостојно изработила и програмирала робот со сензори и LED светла, со кој се натпреварувала во роботска трка.

А резултатот – одличен, Деана го освои второто место!

Нејзиниот успех е особено значаен бидејќи станува збор за 12-годишна ученичка која веќе покажува сериозен интерес и потенцијал во областа на науката и технологијата.

Од Валандово, преку Виена, па сè до една од најзначајните научни институции во Австрија, Деана покажа дека младите таленти од Македонија имаат знаење, креативност и потенцијал да се натпреваруваат рамо до рамо со најдобрите.

Нејзиниот успех е гордост за семејството, за училиштето, но и за целиот Валандовски крај.

Браво, Деана! Ова е само почеток на едно големо научно патување!