Двајцата бугарски државјани, уапсени под сомнение дека учествувале во подметнување пожар на градилиште во близина на компании за одбранбени технологии во Минхен, денеска треба да се појават пред истражен судија, соопшти Баварската криминалистичка полиција, цитирана од ДПА.

Судијата треба да одлучи дали ќе го продолжи притворот на 28-годишната жена и 38-годишниот маж.

Тие се осомничени дека вчера од автомобил фрлиле неколку запаливи направи кон градилиште во близина на источната железничка станица во Минхен и објекти на компаниите за производство на дронови „Хелсинг“ и „Роде и Шварц“.

Најмалку една од направите предизвикала пожар, што подоцна бил изгаснат. Не е причинета значителна материјална штета, соопшти портпарол на полицијата, додавајќи дека друга направа била деактивирана од специјалисти.

Портпаролот одбил да ги коментира информациите на германскиот весник „Билд“ дека по нападот била спроведена полициска операција во стан во Унтерхахинг, јужно од Минхен.

Засега нема други осомничени во случајот, изјави портпаролот.