Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Ние во Македонија имаме една карактеристика – за празниците да ги филуваме и да ги разубавуваме работите. Така и при прославата на независноста на државата, па грдите нешта ги прескокнуваме, односно, уште полошо, ги претставуваме како убави. Чудни луѓе сме, нели? Од троскотот правиме рози.

Посебно што во вакви денови, сите се удираат в гради. Сите биле за независна Македонија. А, не е баш така. Никој не го споменува фактот дека во 1990 година, при изборите, сите партии освен тогашното ВМРО на Љупчо, кој подоцна стана Љубчо, беа за зачувување на југословенската федерација. Југославија и ништо друго. Само вмровците беа за конфедерација. Фактот што една година подоцна, референдумското прашање го содржеше правото за стапување во сојуз со другите југословенски републики, јасно ја оцртува расположбата на тогашната комунистичка номенклатура која се префарба во социјалдемократска, да ја зачува Југославија, со Македонија во нејзин состав.

И така, додека Словенија и Хрватска наголемо се подготвуваа за независност, ние уште копнеевме за Југославија. Референдумот го одржавме дури откако двете најсеверни републики запловија во независност, а Геншер им го даде пусулчето за признавање. Словенците дури и направија упад во монетарниот систем на СФРЈ, собраа колку што можат динари за со нив да купат девизи, малку потоа истото го направи и Слободан Милошевиќ, но во поголем, многу поголем обем отколку Словенците, а ние… ние со прстот в уста молкум гледавме и, да не се лажеме, освен небањатите, се молевме Југославија да опстане. За денес, некои од тие како Тито Петковски, да имаат храброст да држат лекции за тие што ја пееле „Гоцевата раса“. Ама тоа е кога срамот отпловил низ онаа цевка од канализација или од Вардар која во Гостивар ја приклучиле на водоводот.

Не го споменуваме ни фактот дека македонската верзија на независност, дури и по успешниот референдум, на кој мојот покоен татко два пати гласаше ЗА, еднаш за себе, а еднаш за отсутната моја сестра, и се разбира, никому не му падна на памет да му приговори за тоа, што ја отсликува расположбата на народот, го подразбираше планот познат као Глигоров-Изетбеговиќ, кој беше наречен два плус два плус два. Што значеше, цврста федерација меѓу Србија и Црна Гора, тие двете во полабава федерација со Македонија и БиХ, и конфедерација на овие четири републики со Словенија и Хрватска. А целината сепак да биде Југославија.

Го избегнуваме и фактот дека првиот услов на тогашна ЕЗ за признавање на Македонија беше да се избрише името „Македонија“. Дека Алојз Мок, министерот за надворешни работи на Австрија ни предложи име „Вардарска Република“ и некоја сума на пари, како да сме протагонисти на најстариот занает на светот. Името Поранешна Република Македонија го третираме како голем дипломатски успех. Приватизацијата, која беше најголем криминален чин во македонската историја, едноставно ја избегнуваме. И да не редам понатаму.

Ах, да и фактот што илјадници луѓе умреа прерано затоа што останаа без работа и без средства за живот, фактот дека владеачката комунистичка гарнитура уште од тогаш на Македонија гледаше како на сопственост, па стратегијата беше „да ги земеме фабриките во наши раце“ а тогаш на избори нека победува кој сака, едноставно го замижуваме. И ја пуштаме некоја си Тамара да ни пее за прославата.

Не зборуваме ни за тоа дека оттогаш се изгради менталниот склоп кој гласеше „кради колку што можеш повеќе“ и дека уште тогаш беше изграден односно креиран колапсот на Обвинителството и судството. Па, за ќебапче се оди во притвор и затвор, а за украдени милиони се добива плац во алеата на заслужните. Да се најде, кога ќе дојде време.

Имаме карактеристика и да бидеме „добри души“, па тие што биле за продажба на Македонија да ги качуваме на бината каде се прославува. Некаква си Тамара, која веќе ја споменав и која го „заборави“ Гоце при пеењето на химната во американската амбасада, оној Влатко Стефановски кој ни ја нудеше Северна и дузина од тој гард, сега ги имаме како дел од прославата за независноста. Што имаат тие со независна Македонија? Патем, тие сами по себе не се битни, но тие се порака дека да бидеш цврст на определбата за независна, самостојна, суверена Македонија, не е никаква доблест. Не е доблест да го следиш примерот на Гоце, на Јане, Даме, Питу, Никола Карев, не е доблест да го следиш примерот на Кузман Јосифовски, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, на Ченто, на Брашнаров. Можеш да бидеш и на другата страна, и пак, ништо нема да ти фали. На пример, можеш да бидеш Жерновски. А, зошто да не? Сите влакна му се на главата? Да, има и вишок!

Не е прв пат да пишувам дека на тој начин праќаме катастрофално лоша порака. Создаваме свест дека ако ја предадеш Македонија, ќе поминеш подобро, отколку ако се бориш за неа. Како што беше случајот со сите газди на телевизиите, со нивните главни уредници, кои во 2017 воскликнуваа од радост кога почна да се надзира предавството на Македонија, а денес пак се прифатени во комитските чети. Како што има дузина новинари и денешни главни уредници кои беа на платниот список на Мијалков, а потоа оргазмично го поздравуваа потписот на Димитров со Коѕијас, за сега пак да се удираат в гради. Ах, да, и да поставуваат глупави прашања во стилот – до каде сме со евроинтеграциите. Мене би ми било срам.

Ама, тоа е пораката – ако се бориш за Македонија, добиваш листа на хронични болести и ќе те шуткаат од Ургентен по разно разни клиники (носете си поп или оџа со себе, зошто може да цркнете по пат, па да ве отпее веднаш) така што подобро е, за тие што ја сакаат оваа држава и овој народ, да си заминат. Посебно, откако ќе сфатат дека ако се за Македонија, секој бирократски шутрак ќе им прави опструкции, наспроти лигавењето кон тие кои оваа држава ја гледаат како Алајбегова слама.

Се разбира, има и такви како авторот на овие редови кои ќе останат, но ќе мора да трпат како некој си Тито Петковски се потсмева со песната за Гоцевата раса! Да живеат заедно со тие кои во Слободан Милошевиќ гледаа идол, кои се на спискот на некогашната Комисија за лустрација и кои и натаму се угледни членови на ова оштество! Да, могумина ќе кажат – благодарам и ќе си ја пеат „А сега адио“, ама има и „будали“ кои ќе останат и ќе се борат! Ама со неизвесен крај на борбата.

Всушност, работата е што сите ние во вакви денови стануваме дел од северните Дарко Панчев, Милчо Манчевски, оној попот Пимен…стануваме дел од стотиците кои одработуваа и одработуваат за странските служби, така како што тоа го правеле предавниците на Гоце и предавниците на вториот Гоце – Кузман Јосифовски-Питу. Впрочем, зошто да го следиш примерот на Ченто, ако тие што го убија, ако кодошите, ако нивните деца и внуци се дел од богатиот и почитуван естаблишмент на оваа држава, а потомците на Питу, на Карев, на Ченто и на стотици други, се на столбот на срамот или се само обичен дел од просечното македонско општество.

А сето тоа го правиме под превезот на идејата дека требало да се обединиме. Навистина? Па, Американците дури и еден Чарли Чаплин го протераа од земјата, затоа што сметаа дека е предавник на американската идеологија. Зарем Французите се обединуваа со Петеновци? Не, секое здраво општество се обединува со сите, само не со предавниците на тоа општество.

Зашто срамота е некој да се поти над некоја печка за топење железо, за да може да плати данок и придонеси, од кои потоа на предавниците ќе им исплаќаме двојно повеќе пари отколку на самиот работник.

Деновиве еднен пријател беше во една богата западноевропска земја. Работи внатрешен ентериер. Го прашувам како успеа да најде работа таму. Не ја најдов таму, вели, овде ја најдов. Немаш поим колку Македонци имаат станови таму. Што е добро, нели? Зашто ние и натаму ќе се тешиме дека мирно спиеме, а тие не. Што не е точно. Обратно е.

Така што, кој сака нека се обединува со кого сака. Ама има и такви кои исто така го сакаат обединувањето, но не и тоа со предавниците. Зашто ако тргенеме по тој пат, Македонија полека ќе ја снема. Толку е просто.

Ете толку за денеска. Нека ви е честит и вековен празникот. На сите, вклучително и на тие кои ни пееја песни за бесплатното здравство во ЕУ, за тоа како сме ги почнале преговорите со ЕУ, за тие кои во овие години, ќе го прифатеа и предлогот на Алојз Мок, само и само ако добро им се платеше. А, инаку, умираат за Македонија, нели?