Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Украина ќе може да набави клучни компоненти за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ преку следната исплата од 3,2 милијарди евра од заемот на ЕУ за поддршка на земјата.
– Заедно со генералниот секретар на НАТО, Руте, ја поздравувам одлуката на државите членки да ѝ овозможат на Украина исклучок кој ќе ѝ дозволи да купува клучни компоненти за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ – се наведува во нејзината изјава.
Заемот на ЕУ за поддршка на Украина е во вкупна вредност од 90 милијарди евра за 2026 и 2027 година, од кои околу 60 милијарди евра се предвидени за воени потреби, а 30 милијарди за буџетска поддршка. Според правилата на механизмот, средствата за одбрана во принцип мора да се користат за набавки од украинската и европската одбранбена индустрија, при што за итни потреби може да се дозволат исклучоци.
Таквиот исклучок е неопходен за американските системи „Патриот“, кои се меѓу главните средства на Украина за заштита од руски ракети и авиони; според податоците на НАТО, во последната година околу 75 проценти од ракетите за „Патриот“ доставени во Украина се обезбедени преку иницијативата PURL за купување американско вооружување со финансирање од сојузниците. (МИА)




