Американски дрон „MQ-1“ е соборен од иранската противвоздушна одбрана над Ормуската Теснина, јави денеска полуофицијалната новинска агенција Фарс.
Дронот бил детектиран и гаѓан од единицата за противвоздушна одбрана на иранската армија стационирана во југоисточниот дел на земјата додека летал над стратешкиот воден пат, соопшти Фарс.
Тој бил следен од системи за противвоздушна одбрана кои функционираат во рамките на интегрираната мрежа за противвоздушна одбрана на Иран пред да биде погоден и уништен, според агенцијата.
Фарс соопшти дека дронот бил соборен со користење домашно развиени системи за противвоздушна одбрана, додавајќи дека дополнителни детали за инцидентот ќе бидат објавени подоцна.
Засега нема коментар од САД за извештајот.
Пријавениот инцидент доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Иран и САД за Ормуската Теснина, каде што Техеран и Вашингтон остануваат во конфликт околу пловидбата низ стратешкиот воден пат.
Иран и Оман водат разговори за привремена безбедна транзитна рута низ протокот, додека Техеран го обвини Вашингтон дека не ги исполнува своите обврски според меморандумот за разбирање од Исламабад.
Најновиот инцидент исто така доаѓа во време на континуирани размена на оган меѓу Иран и САД, кои продолжија во јули по краткиот прекин на непријателствата. (МИА)




