Градот Њујорк денеска објави повеќе од 170.000 страници претходно неоткриени документи во врска со квалитетот на воздухот по терористичките напади на 11 септември 2001 година.
Документите откриваат дека официјалните лица биле свесни за сериозната загриженост во врска со загаденоста околу „Нултата точка“ (Ground Zero), додека јавно ги уверувале њујорчани дека воздухот е безбеден.
Градоначалникот Зохран Мамдани ја објави документацијата во Градското собрание, во пресрет на 25-годишнината од нападите. Документите, извлечени од 68 кутии откриени во канцеларија на градската власт, содржат податоци за контаминацијата, извештаи за квалитетот на воздухот и комуникација меѓу официјалните лица кои покажуваат загриженост за изложеноста на токсични материи и потенцијалната правна одговорност.
Мамдани изјави дека документите се објавуваат за да им се обезбедат одговори на преживеаните, спасувачките екипи и јавноста кои им биле ускратувани со години.
– Страдањето не заврши кога се разиде чадот и кога се слегна прашината – рече Мамдани. Тој додаде дека илјадници луѓе кои работеле, живееле или учеле во близина на „Нултата точка“ со години се соочувале со болести.
– Како што минуваат годините и човечкиот биланс расте, се соочуваме со цената на 11 септември секогаш кога уште еден њујорчанец прерано ќе ни биде одземен – изјави тој.
Мамдани ја призна болната реалност дека официјалните лица ги изневериле преживеаните.
– Луѓето се разболеа бидејќи лидерите на кои им веруваа лажеа и им велеа дека е безбедно да вдишуваат токсичен воздух – рече тој.
Градот издвои повеќе од 34 милиони долари за воспоставување јавен портал каде што стотици илјади страници на крајот ќе бидат достапни бесплатно. Првото објавување ги опфаќа документите што детално ја опишуваат контаминацијата со азбест и одговорот на градот на катастрофата.




