Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за време на самитот на Г20 во Мајами, нагласувајќи дека треба да се разговара и да се донесат одлуки за ставање крај на конфликтот.

Во интервју за германската медиумска куќа „Дојче веле“, објавено денеска а во услови на засилени дипломатски напори за прекин на војната, Зеленски на прашањето дали би се сретнал со Путин на маргините на самитот во декември доколку и двајцата лидери бидат поканети, одговори: „Да, се разбира. Треба да одиме. Треба да се сретнеме, да разговараме и да донесеме одлуки“.

Вашингтон неодамна направи обид да ги обнови дипломатските напори, кои подолг период беа во застој, за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина. Во текот на минатиот викенд, американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ги посетија Москва и Киев.

Во интервјуто дадено во петокот, Зеленски изјави дека посетата на американските пратеници била „добар сигнал“ и оти било важно што двајцата ги посетиле и Киев и Москва.

– Тоа е знак на почит кон нашиот народ – нагласи украинскиот претседател.

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп, исто така, минатата недела разговараа за војната во телефонски разговор кој, според Кремљ, бил „исклучително отворен“.

САД годинава претседаваат со Г20. На почетокот на септември рускиот министер за финансии Антон Силуанов учествуваше на состанокот на министрите за финансии на Г20 во Северна Каролина, а руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Москва ќе испрати свои претставници и на состанокот посветен на енергетиката, кој ќе се одржи следната недела во Хјустон, Тексас.