Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го посвети вториот и последен ден од посетата на Ирска на голф и на приватни деловни прашања, откако ден претходно со неочекувани изјави за иднината на островот предизвика реакции во Ирска, Северна Ирска и во Обединетото Кралство.
Вчера Трамп ги изненади ирските домаќини, како и соседното Обединето Кралство, навлегувајќи во исклучително чувствително политичко прашање, кога изјави дека „би сакал да види“ обединета Ирска.
Отстапувајќи од традиционалниот став на Вашингтон да не зазема страна по ова историски чувствително прашање, Трамп оцени дека повторното обединување на Република Ирска и Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство, по повеќе од еден век раздвоеност, „на крајот ќе се случи“.
– Не гледам зошто тоа не би можело да се случи и сега – изјави тој за време на средбата со ирскиот премиер Михол Мартин во Даблин.
Изјавата предизвика негодување кај северноирските унионисти, кои се залагаат Северна Ирска да остане во составот на Обединетото Кралство, како и кај некои водечки британски политичари.
– Доналд Трамп е Доналд Трамп и ќе го каже она што го мисли и ќе ги изнесе своите ставови онака како што ги гледа – изјави денеска за „Скај њуз“ британската политичарка Анџела Рејнер.
– Но, ние навистина сме сериозни кога станува збор за Спогодбата од Велики петок – додаде таа, мислејќи на мировниот договор од 1998 година со кој во голема мера беше ставен крај на тридеценискиот секташки конфликт во Северна Ирска.
Според договорот, можно е да се одржи референдум за обединување на Ирска доколку Владата на Обединетото Кралство оцени дека мнозинството од населението веројатно би ја поддржало таквата одлука. За обединувањето би требало да гласаат и избирачите во Република Ирска на одделен референдум.
Само неколку часа по неочекуваната изјава, Трамп пристигна во Донбег, на западниот брег на Ирска, каде што на голф-теренот во сопственост на неговата компанија „Трамп организација“ (Trump Organization) се одржува голф-турнирот „Ајриш опен“.
Американскиот претседател денеска ќе присуствува на турнирот, што е и главната причина за неговата посета на Ирска, а подоцна во текот на денот ќе отпатува за Вашингтон.
Во овој дел на Ирска на Трамп му се придружија неговите синови Ерик и Доналд Трамп Помладиот, кои го водат семејниот бизнис откако нивниот татко минатата година повторно се врати во Белата куќа.




