Стејт департментот, по повод зближувањето меѓу Белград и Пекинг во областа на вештачката интелигенција, предупреди дека иднината на српската економија зависи од политичките одлуки денес, додека ЕУ изјави дека поблиската поврзаност со кинеските технологии го комплицира усогласувањето со барањата на Брисел на европскиот пат, објави Радио Слободна Европа.
Според РСЕ, Стејт департментот не сака директно да коментира за зближувањето меѓу официјален Белград и Пекинг во областа на вештачката интелигенција, но истакнува дека е очигледно која страна треба да се поддржи.
„САД ја охрабруваат Србија да го развие својот целосен потенцијал и да ја обезбеди својата национална безбедност со избирање сигурни извори и добавувачи на опрема и технологија за вештачка интелигенција, како и со избирање сигурни партнери како САД“, се нагласува во одговорот до РСЕ.
Исто така, тие потсетуваат дека САД се предводници во технологијата за вештачка интелигенција и дека тоа е златен стандард за технологија која е „одговорно развиена, заснована на транспарентност и ослободена од идеолошки предрасуди и манипулации наметнати од властите“.
„Кога земјите ги усвојуваат американските системи за вештачка интелигенција, тие не купуваат само инфраструктура како потрошувачи – тие отклучуваат иновативни можности за своите економии и граѓани“, се вели во одговорот.
Во исто време, Европската комисија потсетува дека усогласувањето со правилата на Европската Унија во областа на вештачката интелигенција е дел од поширокиот процес на европска интеграција.
„Како дел од процесот на пристапување, Србија се обврза да го усогласи своето законодавство со овие регулативи“, изјави портпаролот на ЕК за РСЕ.
Институтот на ЕУ за безбедносни студии изјави за РСЕ/РЛ дека подлабоката интеграција со кинеските технолошки екосистеми може да го комплицира последователното усогласување со барањата на Брисел на европскиот пат.
Србија е кандидат за членство во ЕУ од 2012 година.
Во текот на мај, во присуство на претседателите на државите Александар Вучиќ и Шји Џинпинг, во Пекинг беше потпишан меморандум за соработка меѓу двете земји во областа на вештачката интелигенција.
Два месеци подоцна, во јули, во Шангај, претставници на 29 земји, вклучувајќи ја и Србија, потпишаа договор за основање на Светската организација за соработка во областа на вештачката интелигенција (WAICO). Од европските земји, само Русија и Белорусија се потписнички.
На почетокот на 2025 година, Владата на Србија усвои нова Стратегија за развој на вештачката интелигенција до 2030 година, која предвидува дополнителни инвестиции во истражување, компјутерска инфраструктура и примена на системи за вештачка интелигенција во јавниот сектор.




