Лидерите на Шкотска, Северна Ирска и Велс денеска потпишаа историски меморандум за разбирање, со кој од британската влада се бара да се подготви за уставни промени.

Заедничката декларација ја потпишаа првиот министер на Велс и лидер на партијата „Плејд Камри“, Рун ап Иорверт, првиот министер на Шкотска и лидер на Шкотската национална партија (СНП), Џон Свини, и првата министерка на Северна Ирска и потпретседателка на партијата „Шин Фејн“, Мишел О’Нил.

Во документот се наведува дека политичкиот пејзаж „се менува“.

„Секоја од нашите нации има право да ја одреди својата иднина, преку демократски средства и во согласност со желбите на нејзиниот народ“, се наведува во декларацијата.

Лидерите истакнаа дека веруваат оти „иднината на нашите нации е во Европската Унија“, додавајќи дека првпат досега Шкотска, Велс и Северна Ирска имаат први министри кои сите се залагаат за независност од Обединетото Кралство.

Наведувајќи дека Брегзит им наштетил нивните економии и ги ограничил можностите за нивните граѓани, во декларацијата се нагласува дека лидерите сакаат заеднички да работат на обновување и зајакнување на европските односи, создавајќи поголеми можности за трговија, инвестиции, култура и соработка.

Во заедничката декларација се истакнува: „Нашите нации имаат право на самоопределување“.

„Ја повикуваме британската влада да се подготви, да планира и да ги олесни уставните промени во секоја од јурисдикциите“, се наведува во декларацијата.

Во документот се додава дека ниту една влада во Вестминстер „нема право да ја блокира демократијата или да го поткопува“ принципот според кој трите нации ќе одлучат за својата иднина.

„За луѓето што набљудуваат низ овие острови – за луѓето што набљудуваат ширум светот – не би можело да има појасен знак дека времето на Вестминстер се ближи кон крајот“, наведоа лидерите.

Во декларацијата се додава дека она што ги обединува е „решеноста да се осигури дека гласовите на нашите нации ќе бидат слушнати, дека нашиот народ ќе има можност да напредува и дека соработката меѓу Шкотска, Велс и Ирска може да биде зајакната“.

Декларацијата уследи по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за „обединета Ирска“

Декларацијата беше усвоена по првата средба лице в лице на тројцата лидери, која се одржа претпладнево во Кардиф, главниот град на Велс.

По првпат откако започна процесот на децентрализација и пренесување на овластувањата во 1997 година, сите три нации имаат први министри кои поддржуваат напуштање на Обединетото Кралство.

Во разговор за „Скај њуз“ пред средбата, О’Нил изјави дека целокупниот политички пејзаж „многу се менува“, додавајќи дека обединувањето на Ирска „е сериозно ставено на маса“.

Тоа следуваше откако американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека обединувањето на Ирска и Северна Ирска претставува „едно од најприродните нешта на сите времиња“, сугерирајќи дека историските поделби треба да се решат.

Неговата изјава уследи по коментарите што ги даде во саботата за време на посетата на Ирска, кога рече дека „би сакал“ да види обединета Ирска.

„Променливиот политички пејзаж низ овие острови значи дека постои силен аргумент за практична политичка соработка во области како што се енергетиката, економијата и односите со Европа“, изјави претставник на „Плејд Камри“, цитиран од Би-би-си.

Во меѓувреме, лидерот на СНП, Свини, изјави дека трите партии го споделуваат уверувањето дека „народот на нашите соодветни нации мора да може да ја обликува сопствената иднина“.

„Во овој пресвртен момент на уставни промени, ќе го продлабочиме нашето партнерство“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.

фото: Архива