Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски вели дека владата не размислува едноставно за укинување на вториот пензиски столб, туку за негова можна реконструкција.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Велковски посочи дека се анализира актуелниот пензиски систем, земајќи ги предвид промените во демографијата, бројот на вработени и пензионери, висината на платите и приносите од средствата што ги издвојуваат осигурениците.

-Да не го нарекуваме укинување, туку реконструкција на вториот столб, рече Велковски, притоа додавајќи дека формирани се работни групи и тела кои треба да направат детална анализа.

Според Велковски, системот на вториот пензиски столб бил воспоставен пред околу 20 години, кога параметрите биле значително поинакви од денешните.

-Пред дваесетина години, кога првпат се воспоставува ваквиот систем на вториот столб на штедењето на осигурениците, биле поставени различни параметри. Тогаш имавме различна плата, различен број на вработени, различно активно население, различен број на осигуреници и различен број на пензионери во системот на првиот столб, објасни министерот.

Тој посочи дека во изминатите две децении се направиле значителни промени, особено во демографската структура на земјата.

Велковски рече дека анализите треба да покажат што значи денешното штедење во вториот столб и какви пензии би можеле да очекуваат идните пензионери.

На прашањето дали првите 147 пензионери кои оваа година почнале да добиваат пензија од двата столба би биле позадоволни доколку биле осигурени само во првиот пензиски столб, Велковски одговори дека тоа ќе го покажат анализите.

-Ако се погледнат денешните пензионери коишто заминаа, овие првите оваа година коишто излегоа после само 20 години од постоењето на системот, се незадоволни поради висината на штедењето којашто ја имале досега, рече тој.

Според Велковски, еден од факторите е тоа што станува збор за релативно краток период на штедење, а дел од осигурениците во текот на годините имале ниски или минимални плати.

Сепак, тој не исклучува можност причината да лежи и во начинот на управување со средствата.

-Ќе покажат параметрите. Ќе треба да има дополнителна анализа на целиот систем, токму за да го видиме – дали е слабоста на лошото менаџирање на вториот пензиски систем, односно вложувањата, процентот како се оплодувале средствата во овие 20 години, изјави Велковски.

Министерот предупреди дека, доколку сегашниот тренд продолжи, идните пензионери би можеле да бидат уште понезадоволни.

Министерот се осврна и на петмина од првите 147 пензионери кои, благодарение на средствата од вториот столб, ја надминале максималната пензија.

Тој вели дека и овие случаи ќе бидат земени предвид при анализата.

-Јас затоа не говорам дека нема да има позитивни, добри примери. Ќе има одлични примери по тој основ, рече Велковски.

Но, според него, проблем може да се појави кај осигурениците кои подолг период се пријавени на минимална плата.

-Во Македонија е постојана дебата и тоа прашање каде што одредени работници во голем процент се пријавени постојано на минимална плата, додаде министерот.

Велковски посочи дека се прават компаративни анализи и со други европски држави кои имаат сличен пензиски модел.

Како пример ја посочи Хрватска, која, според него, веќе има направено анализи за реконструкција на вториот пензиски столб.

„-Да не ја наречеме укинување. Јас не би ја нарекол укинување никогаш, рече Велковски.

Тој објасни дека идејата за реконструкција би можела да оди во насока на воведување поголем избор за самите осигуреници.

-Во насока на самата реконструкција да биде во правец на доброволно да се пријавуваат или не самите осигуреници, да бираат дали да бидат помеѓу првиот и вториот, само во првиот систем и комбинација, објасни Велковски.

Според него, за разлика од таквиот модел, кај нас во моментов учеството во двата столба е задолжително.

-Кај нас е веќе задолжително, мора да бидете и во двата, заклучи министерот.