Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун денеска изјави дека секогаш ги поддржува рускиот претседател Владимир Путин и рускиот народ и изрази увереност во победата на Русија во, како што наведе, „специјалната воена операција“, јави Корејската централна телеграфска агенција (КЦНА).
– Цврсто сум уверен во победата на Руската Федерација во денешната света војна за одбрана на безбедносните интереси на земјата и меѓународната правда. Ветувам дека непоколебливо ќе ве поддржувам вас и братскиот руски народ – наведе Ким во порака до Путин.
Севернокорејскиот лидер истакна дека двете земји денес „ги зајакнуваат довербата и солидарноста“ и заеднички ги бранат правдата и мирот, додека истовремено, како што наведе, испишуваат нови поглавја во историјата на сојузништвото.
– Мојата волја, како и волјата на владата на ДНРК, сеопфатно да ги прошируваме и продлабочуваме нашите заеднички работи со Руската Федерација останува непоколеблива, втемелена на заедничката визија за светла иднина на корејско-руските односи, односи изградени врз традицијата на пријателство, добрососедство и заемна помош, како и врз цврсто сојузништво – додаде Ким.
Тој на Путин и на рускиот народ им посака победа и слава на нивниот пат кон иднината.
Путин минатата недела му ја честиташе на Ким 78-годишнината од основањето на Демократска Народна Република Кореја и порача дека двете земји ќе продолжат да го зајакнуваат сеопфатното стратешко партнерство.
– Без сомнеж ќе ја продолжиме најблиската заедничка соработка за понатамошно зајакнување на сеопфатното стратешко партнерство меѓу нашите држави – истакна Путин.
Рускиот претседател наведе дека односите меѓу Москва и Пјонгјанг отсекогаш биле засновани врз принципите на пријателство, добрососедство и заемна помош. Тој додаде дека зајакнувањето на врските меѓу Русија и Северна Кореја ќе придонесе за регионалната безбедност и за поправеден, мултиполарен светски поредок.




