Во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ – Скопје денеска со едукативен настан се одбележа 15 Септември – Денот на пензиската свесност. Во рамки на настанот, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и СЕПУГС потпишаа меморандум за соработка за развој на практичната настава и беше промовирана новата едукативна кампања за млади со слоганот „Твојата патека, твоја иднина“.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Ремзи Бајрами истакна дека денес зборуваме за иднината и за тоа како младите луѓе уште од најрана возраст да стекнуваат знаења кои еден ден ќе им помогнат самостојно и одговорно да носат финансиски одлуки.
-Пензиското осигурување можеби на прв поглед изгледа како тема која е далеку од секојдневието на еден млад човек. Но, вистината е поинаква. Финансиските навики се создаваат рано. Одлуките што ги носиме денес, начинот на кој размислуваме за парите, штедењето, планирањето и иднината, постепено го определуваат нашиот финансиски пат. Токму затоа, финансиската и пензиската писменост треба да започнат навреме. Денеска правиме уште еден важен чекор во таа насока – рече Бајрами.
Бајрами потенцира дека со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу МАПАС и СЕПУГС „Васил Антевски Дрен” Скопје не се воспоставува само формална соработка помеѓу две институции, туку мост помеѓу образованието и практиката. Нашата цел, како што нагласи тој, е учениците да имаат можност теоретските знаења што ги стекнуваат во училиштето да ги поврзат со практични искуства, да се запознаат со работата на една јавна институција и да добијат појасна претстава за професионалните можности кои ги очекуваат во иднина.
-Меморандумот предвидува можности за реализација на практична настава, учење преку работа и феријална практика, но и за едукативни посети, презентаци предавања и работилници од областа на финансиската писменост, пензискиот систем и капитално финансираното пензиско осигурување. За нас во МАПАС ова е особено важно. Драги ученици, Вие сте генерацијата која ќе живее и работи во време на брзи промени. Пред вас се професии, нови технологии и нови можности, но и нови одговорности. Во таков свет знаењето за финансии не е дополнителна вештина, туку животна вештина. Не очекуваме денес сите да станете експерти за пензискиот систем, но очекувам да започнете да поставувате прашања. Да се информирате и да размислувате однапред, и кога ќе дојде времето да донесете важни финансиски одлуки, тие да бидат донесени врз основа на знаење, а не на претпоставки – рече Бајрами.
Претседателот на Асоцијацијата на Друштва за управување со пензиски фондови, Маријан Николовски истакна дека вториот и третиот столб од капитално финансираното пензиско осигурување се значајни сегменти од целокупниот систем на пензиско осигурување и на социјална сигурност во нашата држава.
Потенцира дека целта на едукативната кампања, која ја организираат шеста година по ред, е да поттикне на самостојно размислување и на навремено донесување одлуки кај генерацијата којашто е на премин помеѓу формалното образование и започнувањето на својата работна кариера, односно отпочнување на работниот век.
-Од аспект на финансиската писменост, би кажал дека тоа не е вештина којашто се стекнува еднократно во конкретен момент од животот, туку тоа е пред сѐ дисциплина којашто се развива уште од возраста на едукација — и од основно и од средно образование, понатаму и формалното високо образование — но продолжува да се развива со текот на времето и низ работниот век, со дисциплина, упорност и истражување на новите можности. Драги млади, пред сѐ ви се обраќам на вас, вие сте иднината. Времето брзо поминува до вашето прво вработување. Денеска имате целосна достапност до сите дигитални алатки, социјални медиуми и останати извори за информирање. Од моментот кога ќе го потпишете вашиот прв договор за вработување, веќе започнувате со градењето на својата финансиска иднина, на својата финансиска безбедност, и важно е вашите одлуки да ги носите информирано, а сите ние коишто денес ви се обраќаме сме тука да ви помогнеме околу тој избор и околу тие информации. Ви посакувам успешен почеток на новата учебна година, успешно завршување на вашето формално образование и понатамошно градење на вашата професионална кариера – рече Николовски.
Директорот на СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, Александар Мијоски нагласи дека меморандумот за соработка има големо значење потенцирајќи дека со него ќе се овозможи нивните ученици да посетуваат практична настава, практична обука во МАПАС и друштвата поврзани со МАПАС како институција, и на тој начин своите теоретски знаења коишто ги стекнуваат во училиштето да ги продлабочат преку практична работа во друштвата и во самиот МАПАС.




