Денешната одлука во Хаг е судска одлука и како таква ќе биде предмет на правна оценка и на правото на жалба, коментира Фатмир Битиќи од СДСМ.
-Но, ниту една судска одлука не може да ја напише историјата на еден народ, ниту да го поништи ослободителниот карактер на неговата војна и жртвата на една цела генерација. Ова не е пресуда на народот на Косово за неговата борба за слобода. Конечниот суд за таа историја му припаѓа на самото Косово и на генерациите што ја живееле и ја наследуваат, напиша Битиќи на својот Фејсбук профил.
Од друга страна, неговата партија и партискиот претседател Венко Филипче, немаат никаква критика за пресудата, напротив, ја пофалија и ја почитуваат.
-Одлуките на меѓународните судови мора да се почитуваат. Специјализираните совети во Хаг донесоа првостепена пресуда. Хашим Тачи и уште тројца се прогласени за виновни за воени злосторства. Има жалба. Процесот не е готов. Принципот е тој. Повикуваме сите да ја почитуваат одлуката на судот и да избегнат поттикнување тензии или поделби, велат од СДСМ.
Четворица поранешни лидери на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, беа осудени вчера во Хаг за воени злосторства извршени против најмалку 385 лица. Станува збор за првостепена пресуда во постапката против нив за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Тачи беше осуден на единствена казна од 25 години затвор, вклучувајќи го и времето поминато во притвор. Тој беше прогласен за виновен по точката три (незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, како воено злосторство), за суров третман како воено злосторство, по точката 7 за тортура како воено злосторство, по точката 9 за убиство како воено злосторство. Беше ослободен од неколку случаи на воени злосторства, како и од прогон, затворање и злосторства против човештвото.
Вториот обвинет, Јакуп Красниќи, беше осуден на единствена казна од 25 години. Третиот обвинет, Кадри Весели, беше осуден на единствена казна од 18 години затвор. Четвртиот обвинет, Реџеп Селими, беше осуден на единствена казна од 13 години.
Станува збор за првостепена пресуда во постапката против нив за воени злосторства и злосторства против човештвото. Времето поминато во притвор е вклучено во казната.
Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинетиво Хаг за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во текот на 1998 и 1999 година.




