Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува до крајот на годината да биде донесена националната стратегија за вештачка интелигенција. Една од активностите на стратегијата ќе биде и носење закон за употреба на вештачката интелигенција.
Утре, во Министерството за дигитална трансформација ќе се одржи состанок на работната група по што драфт-верзијата ќе биде ставена на ЕНЕР и ќе бидат организирани неколку јавни дебати.
– Очекувам дека до крајот на годината ќе ја донесеме. Една од активностите на стратегијата размислуваме да биде донесување закон за употреба на вештачката интелигенција. Значи, не регулирање на производството или на создавањето вештачка интелигенција, туку повеќе на правилното етичко и принципиелно користење за доброто на вештачката интелигенција – изјави министерот Андоновски.
Во однос на изградбата на националниот дата-центар, Андоновски вели дека веќе се во тек разговори со потенцијални финансиери на проектот, а во Министерството за транспорт веќе се разговара за утврдување на потребната процедура за употреба на локацијата кај Бунарџик.
– Локацијата ќе биде во близина на Скопје, веднаш до една од индустриските развојни зони. Тоа е државно земјиште што не се употребува за земјоделство или за нешто друго, така што овој простор ќе го искористиме. Во близина веќе се изградени фотонапонски централи. Планираме и ние во втора фаза покрај дата центарот да изградиме и фотонапонска централа, со која што од 30 до 40 проценти од потрошувачката на електрична енергија ќе ја искористиме од фотонапонската централа, изјави Андоновски.




