Со околу 250 бетонски столбови/колови ќе се стабилизира земјиштето на најтешкиот дел од автопатската делница Кичево-Охрид. Во пределот кај Ботун, земјата е црна-графитна и важи за најнестабилна земја, а дополнително има и многу вода. Токму затоа стабилизација на косините кај Ботун ќе се врши со градежна техника која ја првпат се користи не само во Македонија, туку и на Балканот.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈПДП, Коце Трајановски денеска на терен вршеа увид во демонтрација на поставувањето на арматурен кафез во еден од бетонските столбови длабоки во земја околу 20 метри.
Николоски истакна дека токму ваквиот состав на почвата и потрагата по соодветно безбедно решение е причината поради која досега делот околу селото Ботун беше невозможно да се стави во рамки на автопатот Охрид-Кичево, која е и последната делница која ќе биде изградена.
-Ги собравме најголемите умови и професори кои ги има Македонија во соработка со светски научници, решението го имаме позади нас. Работат машини кои тежат по 130 тони, такви има три. Вкупно ќе бидат пет кои се донесени да работат од надвор. Машините влегуваат 20 до 28 метри во земја, тоа е помеѓу 7 и 11 ката од зграда. Се спуштаат арматурни кафези, секој од нив тежи 30 тона железо, и истите се поливаат со бетон. Помеѓу нив има цевки и челични јажиња кои ги држат едни со други и практично под земја создаваме една целосна структура која треба да ја држи основата на автопатот, објасни вицепремиерот Николоски.
Додаде дека вакви бетонски столбови кај Ботун ќе има 163, а останатите ќе бидат на останатиот дел од автопатот.
Првиот човек на јавното претпријатие за државни патишта посочи дека овој проект е правен во координација и соработка со инженерите од Кина.
-Стабилизацијата на косините е еден од главните проблеми на овој проект од Кичево до Охрид. Направени се дополнителни гео истраги во должина од седум километри на околу 400-500 локации со различна длабина за да се провери составот на земјиштето во долниот дел, да може да се види на кој начин и со која технологија ќе биде стабилизирано. Направени се два клучни проекти за стабилизација. Едниот е со галериите и вториот начин е со овие бетонски столбови длабоко во земјата околу 20 метри, посочи Трајановски.
Според министерот за транспорт ако галериите се најатрактивниот дел од патот, ова е убедливо инженерски најтешкиот дел од изградбата на автопатот Кичево-Охрид.




