Најмалку 112.000 лица се раселени во Јемен во текот на изминатите две недели, а борбите продолжуваат по должината на западниот брег меѓу силите на меѓународно признатата влада на земјата и милитантната група Хути, поддржана од Иран – соопшти денеска Агенцијата за миграција на Обединетите нации (УНХЦР).
За помалку од една недела, речиси 3.000 лица избегале по море во Џибути, соседна земја во северозападна Африка, изјави претставничката на УНХЦР, Сандрин Десамур, пред новинарите во Женева во видеообраќање од Џибути, објавија британските медиуми.
Таа додаде дека владата на Џибути се подготвува за пристигнување до 10.000 бегалци од Јемен, што ќе изврши голем притисок врз здравствениот и образовниот систем на земјата.
УНХЦР соопшти дека луѓето бегаат од Јемен во преполни чамци и пристигнуваат во Џибути со многу ограничени резерви храна и вода.
Повеќето од оние што бегаат се јеменски семејства што бараат засолниште во Џибути, но Меѓународната организација за миграција (ИОМ) забележува дека помал број мигранти, главно од Етиопија, исто така доаѓаат преку оваа рута.
Јеменските Хути ги засилија нападите врз саудиските градови и енергетската инфраструктура во последните десет дена додека продолжуваат да напредуваат по брегот на Црвеното Море на Јемен кон теснината Баб ел-Мандеб, клучен поморски пат.
Како одговор на офанзивата на Хутите, саудиските и јеменските воздушни сили ги бомбардираа позициите на Хутите.




