Братислав ДИМИТРОВ за МИА
Таа 1968 година во мода беа фармерки ѕвонарки. Само ретките среќници носеа оргинални фармерки марка „супер рифле“. Ние останатите обични шизици, со штофче под мишка одевме кај шнајдерки. Иако „џинсот“ е работна облека на американските селани, тие за нас беа една од ретките работи што доаѓаа од Запад. И додека тие со нив молзеа крави, пасеа стока, потковуваа коњи или чекаа Индијанци во заседа, ние со тие панталони теравме мода. И додека се ашкавме наоколу со тоа ѕвонарките собирајќи прашина по скопските сокаци, до нас стигна шокантната вест дека во Америка кренале сексуална револуција!? Како бе сексуална? И како баш сега? Па џабе ли ние со децении пееме „Америка и Енглеска, биќе земља пролетерска?“
Таа вест ја доживеавме како голем пораз и лична навреда. Додека ние тука окапуваме од работа борејќи се за работничкото самоуправување и обединување на пролетерите од целиот свет, тие таму се „онадуваат“. А ние? Ние се радувавме кога ќе нè пратат на синдикални натпревари во шах, мал фудбал и… што било. И додека ние дремеме над шаховската табла или трчаме по проклетата топка, тие (боже ме прости) во тоа време прават срамотни работи! Има уште. Покрај сите оние работни акции, приредби, паради и штафети, младост оставивме по „састанци“ за да ја жигосаме и оваа капиталистичка ујдурма. Така марксизмот стана главен предмет, без разлика дали студираш медицина, глума или тромбон. Имаше и такви што предлагаа: Ние, Црногорците и Русите да ја нападнеме Америка! Тогаш Цанко Курбла рече дека не е фер да напаѓаме тројца на еден и ние се откажавме.
Тоа беа времиња кога во Канада беше полесно да отепаш бафало отколку во Скопје да фатиш женска. Тогаш сексот беше една од десетте причини за брак, останатите девет не беа важни. Еден ден на Пеце му се стемни и реши да се жени, но не ги исполнуваше трите главни услови. Немаше служено војска, не беше вработен и немаше женска. Почна од најлесното, доброволно се пријави и отиде на регрутација во ЈНА. Таму му најдоа многу мани, ама едната никако да му ја простат. Беше понизок од пропишаниот минимум иако носеше кондури со топучиња од 10 сантиметри. Цело маало ургираше на сите страни, се фаќаа врски до трето колено по сите основи. Се потроши солиден фонд на печени прасиња, јагниња и шприцери, бонбоњери и кафиња, ама пустото кога не оди – не оди!
Најважната работа во тогашната југословенска армија беше војниците да се наредат во строј како под конец, да учествуваат на фестивали со војнички патриотски песни („корачници“) и редовно да губат шах од претпоставеното лице. Да не си способен за војска, во тоа време беше еден од најголемите срамови. Затоа отидовме на највисока инстанца, му се пожаливме на Цанко Курбла. Обраќајќи му се пред и после секоја реченица со „генерале“, иако лицето бил потпоручник, Цанко му ја изложил најновата воена стратегија: Малата висина на Пеце е ретка предност при напад на непријателска позиција. Може сите да изгинат, но Пеце ќе преживее затоа што куршумите ќе летаат над неговата глава и тогаш ќе има кој да јави за позицијата на непријателот и да бара хитно засилување!
Го ставија во разгласна станица, во касарна која се наоѓа во едно од оние места со „задња пошта“, што едвај се гледаат и на топографска карта. И наместо да ги буди во 5 сабајле со војнички и југословенски патриотски песни, регрутот Пеце со потценувачки прекар „тавче-гравче“, нагазил до даска македонски народни песни! Почнувал со „Пилето ми пее рано на сабајле“ а после шибал со: „Туѓината пуста да остане“, „Земјо македонска, уважавам те“, „Слушам кај шумат шумите“, „Се собрале комитите“, „1903 година“ и „Ој Вардаре македонски“, која ја репризирал и по неколкупати, наводно, „на барање на слушателите“.
Едвај го извлекле од сопчето за да го одм’кнат на рапорт! Капетанот неколку пати му се дерел да стои кога разговара со него, но откако му рекле дека тоа е природната висина на Пеце, малку се смирил и му дал нова шанса, со образложение дека од него ќе направи „голем војник“. И другиот ден од разгласната станица, Цонка го повторил својот музички репертоар, но овој пат засилен со мега хитот „Зајко кукурајко“. Го однеле на „преки суд“ и таму добил казна седум дена да чисти ходници и нужници. Немаше среќа да ја отслужи казната. Уште првиот ден, на цел глас почнал да ги пее истите песни од разгласната станица… Го качиле на првиот воз и му рекле да не се враќа затоа што ќе пукаат без предупредување!
Се вработи како чувар на едно градилиште, но и тука не се прослави, барем што се однесува до стажот. Една вечер двајца со камионче паркирале во складот и почнале да товарат даски, железо, бетон, песок… за викендичката на еден локален политичар, ама светска битанга. Пеце ги опоменал неколку пати, а после ја земал хеблата од камионот и… двајцата едвај ги сошиле на хируршко одделение. По препорака на Цанко Курбла, неколку најдобри маалски стројнички почнаа да го женат. Но Пеце потона во очите на една Каролина како “Титаник” во оној факинг бермудски триаголник. Сите му зборуваа дека од таа несреќа не бидува домаќинка, но никој не можеше да го одврати, ни црква ни држава. Кога Каролина конечно го прашала што ѝ нуди, Пеце самоуверено рекол: Знам да не се лутам, да варам најубаво средно кафе и да чешкам грб.
Каролина почнала да се смее во понеделник, а престанала во недела. Тогаш Пеце почувствува како душата му се растура како леблебија. Легна во постела болен, од најтешката болест на сите времиња позната во народот како „офтика“. И не излезе од своето сопче 365 дена и исто толку, а можеби и повеќе ноќи. Тогаш немаше ниту една духовна патерица од типот на нинтендо, плејстејшн, телефон, интернет или кабелска телевизија. Само неколку исти шари на тапетите на ѕидовите и неколку прозорци кои гледаа директно во ништо.
Еден ден стана и реши да излезе на балкон, но пред него стоеше некој непознат човек, кој очигледно немаше намера да му се тргне од патот. „Помрдни се малку, сакам да го видам животот“, прошепоти Пеце со глас на човек што решил храбро да загризе во новиот ден, со неколкуте преостанати заби. Но тогаш сфати дека човекот од другата страна е неговиот одраз во огледалото. Долго се гледаа. Тогаш се случи вистинско чудо. Одразот во огледалото тажно и кротко му се насмевна и со лесен чекор почна да се оддалечува од него сè додека сосема не се загуби. Уште долго време Пеце гледаше во огледалото, но таму немаше ништо. Ниту на неговото место немаше ништо. На погребот дојде цело наше и сите околни маала. И додека стоиме пред ровката и црна земја неми како лиени бандажи на стар и напуштен отпад, а небото го параат крикови на јато гаврани, една јанѕа како ‘рѓа почна да ги гризе нашите срца. Не е фер. Навистина не е фер. Пеце ќе остане да лежи во црна и ладна дупка, а ние ќе се вратиме дома и ќе сркаме топла чорба, како ништо да не било.
Таа пролет кајсиите ранки како ѓердан од дукати се златеа околу вратот на нашето маало. Имаше венчавки, свадби, крштевки, родендени, имендени и слави, но го немаше нашиот Пеце. Тогаш нашиот званичен филозоф Мане Кант ги удри темелите на песимизмот со пророчката изјава: „Пеце е првиот самостоен борец против корупција и криминал. А изгледа и последниот сопственик на големо и топло срце во Тафталиџе и остатокот на светот“.




