Селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Александар Таневски, го објави поширокиот список на фудбалери за завршните два натпревари од актуелниот квалификациски циклус за ЕП каде Македонија ќе се сретне со Црна Гора на 1. октомври во Битола и со Шведска на 5. октомври во Фалкенберг.
Таневски најавува можност поголем простор да добијат и помлади фудбалери, кои во иднина треба да ја преземат улогата во националниот тим.
„Со оглед на тоа што ни следат последните два натпревари од тековниот квалификациски циклус, сакаме да им дадеме простор и на помладите фудбалери, кои треба да бидат дел од следната генерација до 21 година. Секој натпревар за репрезентацијата мора да се игра со максимална одговорност, дисциплина и желба за резултат. Тоа не се менува без оглед на околностите и фазата во која се наоѓаме.
Во исто време, наша обврска е паралелно да градиме тим за иднината. Овие натпревари се добра можност да видиме на кои фудбалери можеме да сметаме во следниот квалификациски циклус и да им дадеме шанса да стекнат меѓународно искуство. Сакаме да создадеме здрава конкуренција и постепено да ја подготвиме следната генерација за предизвиците што ја очекуваат“, изјави Таневски.
Пред двата квалификациски дуели, младата репрезентација ќе одигра и контролен натпревар против селекцијата на Русија до 20 години.




