Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Њујорк се сретна со министерката за надворешни работи на Канада Анита Ананд. Средбата се оствари во рамките на Генералното Собрание на Обединетите Нации, јави специјалниот известувач на МИА од Њујорк.

Муцунски и Ананд разговарале за навршувањето на 30 години дипломатски односи меѓу двете земји и ја потврдиле „цврстата основа на македонско-канадското партнерство и заедничкиот интерес за негово натамошно продлабочување“, велат од Министерството.

Истакнато е и значењето на бројната македонска заедница во Канада, „која претставува важен мост и дополнителна вредност во односите меѓу двете земји“.

На средбата станало збор и за унапредување на политичката и економската соработка, со посебен фокус на можностите за зголемување и диверзификација на трговската размена, информираат од Министерството.

Двајцата министри ја потврдиле блиската соработка и меѓусебната поддршка во рамките на мултилатералните организации, особено во Обединетите Нации и НАТО, како и заедничката посветеност на стабилноста и меѓународната безбедност.