Македонија останува целосно посветена на европскиот пат и на исполнувањето на неопходните реформи и критериуми. Во исто време, веруваме дека кредибилитетот на процесот на проширување најдобро се зајакнува кога секоја земја кандидат се оценува врз основа на сопствениот напредок и исполнувањето на заеднички договорените европски стандарди. Владеењето на правото не е само дел од преговарачкиот процес. Тоа е темел за создавање европска држава и за зголемување на довербата на граѓаните во институциите, порачала меѓу другото заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, на дискусијата на Советот на општи работи на ЕУ во Брисел, каде, како што соопшти Министерството за европски прашања, покрај за земјава, се разговараше за напредокот на полето на владеење на правото и во Албанија, Црна Гора и Србија.

-Истовремено, свесни сме дека пред нас останува значајна работа и сериозни предизвици. Нашиот фокус во наредниот период ќе биде јасен: подобра имплементација, посилни институции и конкретни и одржливи резултати – додала таа.

Истакнувајќи ја посветеноста кон продлабочување на реформите во областа на владеењето на правото, Трајков потенцирала дека во изминатиот период се направени значајни чекори во сите области опфатени со Извештајот за владеење на правото за нашата земја.

-Нашиот пристап е јасен – реформите не ги спроведуваме само заради исполнување на формални критериуми, туку пред сè заради нашите граѓани, со цел да обезбедиме стабилна, просперитетна и европска иднина. Во областа на правосудството, продолживме со спроведување на реформите насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и ефикасноста на судството и обвинителството. Во оваа насока, презедовме и законодавни и институционални чекори за унапредување на правосудниот систем и негово понатамошно усогласување со европските стандарди – нагласила Трајков, додавајќи дека целта е натамошно јакнење на институционалните капацитети, човечките ресурси и условите за независно и ефикасно функционирање на правосудните институции.

Говорејќи за борбата против корупцијата, таа нагласила дека се продолжило во насока на зајакнување на превентивните и институционалните механизми, со посебен фокус на транспарентноста, интегритетот и отчетноста на јавните институции и дека Новата национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030 претставува значаен чекор во оваа насока.

-Донесовме и унапредивме законски решенија со цел да се зајакне системот за превенција и борба против корупцијата и да се создадат поефикасни механизми за постапување во случаи на организиран криминал и корупција. Воедно, спроведуваме реформи во казнената политика со цел поефикасно откривање, процесуирање и санкционирање на овие кривични дела, во согласност со европските стандарди- истакнала Трајков.

Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков се осврнала и на пристапниот процес, оценувајќи дека тој треба да продолжи да се темели на јасни, објективни и предвидливи критериуми.

-Добрососедските односи и отворениот дијалог се суштински дел од европскиот проект и ние остануваме посветени на нивното унапредување. Сметаме дека отворените прашања најдобро се решаваат преку дијалог, взаемно почитување и европски дух. Веруваме дека токму таквиот пристап ја прави политиката на проширување посилна и покредибилна и испраќа јасна порака дека реформите, постигнатите резултати и исполнувањето на европските стандарди се основата на патот кон членството во Европската Унија – заклучила заменик-министерката за европски прашања Трајков на крајот од своето обраќање.