Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј остро ги критикуваше Обединетите нации во својот говор пред Генералното собрание во Њујорк, нарекувајќи ги „бескорисна организација“ која храни „каста од паразити“. Тој упати критики и за односот на организацијата кон спорот со Обединетото Кралство за Фолкландските Острови, нејзиното постапување за време на пандемијата во 2020 година, а се спротивстави и на државната контрола врз вештачката интелигенција (ВИ).
– ОН станаа бескорисна организација, која служи само за да храни каста од дебели, крајно арогантни паразити, маскирани како добронамерни бирократи – изјави Милеј во своето обраќање.
Според него, светската организација потфрлила во исполнувањето на својата основна цел.
– Оние кои требаше да гарантираат колективна безбедност и човекови права не успеаја во својата задача, а наместо тоа дозволија хаос, насилство и меѓународен тероризам – продолжи тој.
Милеј се осврна и на историското барање на Аргентина за Фолкландските Острови, кои се под британска власт од 1833 година, критикувајќи ги операциите за ископување нафта што Лондон ги одобри во близина на архипелагот, а кои, според Буенос Аирес, се во спротивност со резолуцијата на ОН донесена пред половина век.
– Оние кои ги почитуваат правилата не добиваат никаква награда за тоа, додека оние кои ги прекршуваат не се соочуваат со никакви последици. Затоа прашањето за Фолкландските/Малвинските Острови не е само прашање меѓу Аргентина и Обединетото Кралство, туку отвора и прашање за способноста на оваа организација да ги спроведува сопствените резолуции – рече тој.
Аргентинскиот претседател го следеше примерот и на својот сојузник, американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходниот ден предложи вештачката интелигенција да се нарекува „суперинтелигенција“, отфрлајќи ги фаталистичките предупредувања за забрзаниот развој на овие технологии.
– Дистописките сценарија што често се повикуваат за да се поттикне страв и да се промовира државна контрола се бесмислени од економска гледна точка – изјави тој, предлагајќи „Западот да го предводи развојот на технологијата“.
Милеј упати жестоки критики до ОН и поради мерките за „присилно затворање“ за време на пандемијата, притоа бранејќи го повлекувањето на Аргентина од Светската здравствена организација (СЗО).
– Онаму каде што некои гледаат грешка во здравствената политика, ние гледаме глобален експеримент за општествена контрола маскиран како наука. А кога држава со превез на очите во однос на здравјето го лишува своето население од правото да работи, да се образува, да се збогува со своите мртви, а тоа резултира со милиони смртни случаи што можеле да се спречат, постои збор со кој тоа може да се нарече: геноцид – порача аргентинскиот претседател.
фото: Архива




