Италијанските карабинери соопштија дека денеска заплениле околу 3,2 милиони евра во готовина и луксузни часовници, пронајдени скриени во ѕидовите и под подот од туш-кабина во еден стан во местото Кајвано, во близина на Неапол, во рамките на истрагата која доведе до апсење на 34 лица.
Во акцијата, која ја спроведоа припадниците на Истражното одделение на карабинерите од Кастело ди Чистерна и оперативните единици од Кајвано и Казорија, 23 лица се притворени и спроведени во затвор, додека 11 се ставени во куќен притвор, јавија локалните медиуми.
Карабиниерите објавија снимки на кои се гледа како ги разбиваат ѕидовите и подот од станот во улицата Ателана и наоѓаат уредно спакувани банкноти од по 50 евра. Парите беа изнесени од станот во пластични канти, додека луксузните часовници беа пронајдени во скриени простори во самите ѕидови.
Истрагата ја води Обвинителството во Неапол, а постапката е покрената поради сомнение за здружување од мафијашки тип, здружување заради трговија со наркотици, поседување и дистрибуција на дрога, неовластено поседување и носење оружје и изнуда, како и други кривични дела за кои постои сомневање дека се извршени со примена на мафијашки методи.
Според наводите на карабинерите, осомничените и припаѓаат на вооружена група Камора поврзана со кланот Анџелино, кој е активен на подрачјето на Кајвано и Казорија. Како главни активности на групата се наведуваат трговијата со наркотици и изнудата.
Фото: Полиција на Италија, скриншот




