Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на долгоочекуваната државна посета на кинескиот претседател Шји Џјинпинг на Вашингтон изјави дека со него изградил „навистина големо пријателство“.

Иако Трамп има низа сложени прашања за разговор со претседателот на најголемиот економски ривал на САД, тој пред почетокот на официјалните разговори меѓу двете земји во Белата куќа ги истакна своите долгогодишни односи со Шји.

– Од времето кога првпат бев избран за претседател на САД во 2016 година, претседателот Шји и јас изградивме пријателство – всушност, навистина големо пријателство, засновано на меѓусебно почитување и на виталните интереси на нашите народи – изјави Трамп.

Од своја страна, Шји повика Пекинг и Вашингтон да се придржуваат до позиција на избегнување конфликти.

– Кина и САД треба да се придржуваат до линијата на однесување со која ќе избегнуваат каков било конфликт и конфронтација меѓу нив, а нашите две армии треба да одржуваат редовен дијалог и да ги подобрат механизмите за комуникација и спречување кризи – посочи Шји.

Трамп рече дека со Шји ќе разговара за „жешки теми“, како што се безбедноста, технологијата и вештачката интелигенција, која во последните неколку дена ја нарекува „суперинтелигенција“.

Од своја страна, Шји рече дека САД и Кина имаат одговорност да развиваат вештачка интелигенција која ќе остане под човечка контрола и ќе продолжи да биде во служба на човештвото.

– Кина и САД се нации кои се во првите редови во областа на вештачката интелигенција. Ние ги имаме способноста и одговорноста да се погрижиме ова изумување секогаш да остане под човечка контрола и да служи за доброто на народите – изјави Шји.

Кинескиот лидер, исто така, соопшти дека двојка гигантски панди, симболично животно на кинеската дипломатија, за неколку дена ќе пристигне во зоолошката градина во Атланта, САД.

– Гигантската панда отсекогаш била симбол на пријателството меѓу Кина и САД. По неколку дена, двете панди – Пенг Пенг и Фу Шуанг – ќе пристигнат во нивниот нов дом во зоолошката градина во Атланта и ќе се запознаат со американската јавност – додаде Шји.

Преносот на пандите беше официјализиран уште во април, но тогаш не беше соопштен точниот датум на нивното пристигнување. (МИА)