Популарноста на лековите од групата GLP-1, меѓу кои се Оземпик и Вегови, во последните години значително порасна, особено поради нивниот ефект врз намалувањето на телесната тежина. Зголемената побарувачка, сепак, отвори и низа прашања за нивната достапност, правилната употреба и можните последици.

Европската агенција за лекови (EMA) наведува дека зголемената побарувачка од 2022 година довела до недостиг на одредени лекови од оваа група. Во Европската Унија, Оземпик е одобрен за лекување на дијабетес тип 2, додека семаглутидот за контрола на телесната тежина се користи како Вегови, според утврдени критериуми.

EMA предупредува дека користењето Оземпик за слабеење може дополнително да ја намали достапноста на лекот за пациентите со дијабетес.

Во Германија, кон крајот на 2024 година било проценето дека речиси 100.000 лица користеле лекови против дебелина, додека во Велика Британија бројот на пациенти на вакви терапии надминал 400.000.

Истовремено, научниците сè повеќе ги проучуваат можните последици од употребата на GLP-1 лековите. Студија објавена во „Obesity Reviews“, која опфатила 25 истражувања со 8.722 испитаници, покажала дека сè уште има ограничени податоци за нивното влијание врз нарушувањата во исхраната.

Американската Агенција за храна и лекови до крајот на мај годинава примила повеќе од 900 пријави за несакани последици поврзани со семаглутид и над 730 поврзани со тирзепатид.

Специјалистката по фармација Јасмина Арсиќ нагласува дека терапијата за намалување на телесната тежина треба да се спроведува под лекарски надзор. Според неа, лековите може да помогнат во намалување на апетитот и контролата на тежината, но нивната примена треба да биде проследена со правилна исхрана, физичка активност и медицински надзор.