Пожар избувна околу 4.30 часот утрово во кафуле што се наоѓа на приземјето на трикатна станбена зграда во атинската населба Неа Јонија, а брзо се прошири низ објектот што претрпе голема материјална штета, а превентивно беа евакуирани станарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот што е ставен под контрола нема повредени, а во гаснењето интервенираа 18 пожарникари со пет возила.

Од противпожарната служба на Грција информираа дека кафулето „се наоѓа на приземје од трикатна станбена зграда, а превентивно се евакуираа лицата што се наоѓаат на соседните катови“, додека пак истражното одделение за справување со кривични дела поврзани со подметнување пожари ги утврдува причините за пожарот.

Во кафулето каде што избувна пожарот, пред повеќе од три години, односно на крајот на февруари 2023 година имаше вооружен инцидент, кога животот го загуби 37-годишен маж.