Кина денеска соопшти дека продолжувањето на трговското примирје со Соединетите Американски Држави до 10 јануари ќе им овозможи на двете страни да го проценат спроведувањето на досегашните договори и да разговараат за понатамошен напредок во економските и трговските прашања.
Кинеското Министерство за трговија соопшти дека продолжувањето обезбедува „релативно стабилно и предвидливо опкружување“ за работењето на компаниите и натамошни преговори.
Во рамките на новиот трговски совет, Кина и САД ќе разгледуваат заемно намалување на царините за стоки во вредност од 30 милијарди долари.
Економските тимови на двете земји ќе разговараат и за можностите за инвестиции, пречките за работењето и поголема предвидливост на политиките.
Ќе биде формирана и работна група за земјоделство, што првпат ќе се состане пред крајот на годината и ќе разговара за пристапот до пазарите и регулативата.
Кина, исто така, се договорила да увезува американски јаглен во текот на 2027 и 2028 година.
Пекинг ќе разгледува одобрување на работењето и отворањето филијали на странски финансиски институции, вклучително и компании со американски капитал, додека двете страни ќе продолжат со разговорите за зголемување на бројот директни летови.
Кога станува збор за вештачката интелигенција, ќе биде воспоставен канал за комуникација во случај на инциденти, а разговорите ќе продолжат до крајот на ноември.




