Нов преседан на Брисел. Европската Унија првпат планира да одреди целни датуми за завршување на клучните фази од преговорите за пристапување со Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, изјавија за Политико функционери од Брисел.
Овој пристап наводно содржи „патокази“, кои појасно ќе дефинираат што точно се очекува од секој кандидат. Во исто време ќе се дефинираат и обврски за сегашните членки на ЕУ, кои треба да дадат согласност за да продолжи процесот.
На другите земји-кандидати кои се во „порана фаза од процесот“, како Косово, Македонија и Босна и Херцеговина, нема да им бидат понудени овие патокази, затоа што не се политички „интересни“ за политикантите од ЕК. Истото важи и за Грузија, Србија и Турција.
Ревизијата на политиките, предводена од Александар Адам, близок советник на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, треба да биде претставена на 6 октомври, а шефовите на држави од ЕУ ќе расправаат за темпото за прием на нови членки на самитот во Брисел на 15 и 16 октомври.
Фон дер Лајен оваа недела оди на турнеја низ Западен Балкан на разговори со лидерите на Црна Гора, Албанија, Македонија и Косово. Ќе ги заобиколи Босна и Херцеговина и Србија, кои се пред избори.
Извор: Курир




