Венко Филипче и СДС чија политика се темели на тоа да се биде контра на ставовите на власта колку да кажат дека имаат различен став, деновиве доживува дополнителен дебакл, истакна на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, што МИА ја пренесува интегрално.
Наместо консолидација во редовите на опозицијата што е здрава поставеност на политичката сцена, јавноста од викендов сведочи на дополнителни поделби. Јавноста сведочи на распад во живо.
Наместо заеднички опозициски фронт, се множат фракции, суети и меѓусебни пресметки проткаени со низа на навреди.
Во и онака слабиот СДС кој е пред распаѓање, јасна политичка алтернатива се помалку е на повидок, а контрашот Филипче треба да разбере дека ставот да се биде само против е погубен.
ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, сега од позиција на власт, секако дека ги анализира сите политички појави и движења.
Нашиот став е многу јасен, прво, ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа е нивна внатрешна работа и не ни помислува да се меша и второ, ако се прашува некој дали ни одговара или не, секако дека ни одговара, но тоа не е здраво за демократските процеси во државата.
ВМРО-ДПМНЕ јасно порачува, народот не треба да се потценува, секој еден граѓанин знае зошто се определил за нас, а дал црвено светло за СДС. Филипче ако сака да ја консолидира СДС треба да знае дека ставот да се биде исклучиво против може да даде само еден резултат, а тоа е тонење и исчезнување на СДС. Затоа за добро на граѓаните и државата потребна е побрза консолидација.




